Ирена Танчева,
Неделна Астролошка Прогноза,
27 Декември 2021–2 Јануари 2022
Декември 28, 22:16 ч. Месечината влегува во Скорпија
Декември 31, 00:08 ч. Месечината влегува во Стрелец
Јануари 2, 00:02 ч. Месечината влегува во Јарец
Декември 29, 05:09 ч. Јупитер влегува во Риби
Јануари 2, 08:09 ч. Меркур влегува во Водолија
Јануари 2, 19:33 ч. Млада Месечина во Јарец,
на 12 Јар 20',
Анализата е изработена според Централно Европско Време
Главниот настан и смена на небесната слика во текот на следнава недела е транзитот на Јупитер во Риби, неговиот оригинален домицил. Јупитер е планета на експазијата, мудроста и изобилието, а со транзитот во овој знак ќе откриеме дека сме на интуитивна потрага по вистината. Јупитер ги проширува нашите хоризонти, знаење и разбирање, а за време на својот престој во Риби ќе ја прошири нашата свесност, сочувство и имагинација.
Јупитер во Риби:
Мај 13, 2021, до Јули 28,2021,
Декември 29, 2021, до Mај 10, 2022, и
Октомври 28 до Декември 20, 2022.
За време на овој период медитацијата, молитвата и тивката контемплација завземаат важно место, бидејќи сакаме да ги разбереме мистериите на животот. Знакот на Риби е со водена природа, а со Јупитер во Риби ќе привлечеме добра среќа кога ќе бидеме милосрдни, нежни, посветени, сочувствителни и кога ќе се грижиме за обесправените. Напредувањето во световната сфера сега губи малку на значај, а интересот во спиритуалните димензии расте. Вербата во основната добрина на луѓето е главна движечка сила за време на овој транзит, а тоа може да нѝ привлече добра среќа.
Ова е период кога ќе избегнуваме критицизам, изнаоѓање на маани, а ќе ги разбудиме своите екстра сензорни перцепции и спиритуални дарби.
Секако Јупитер претставува и ексцес, па затоа ќе треба да се внимава на склоноста кон ескапизам, искривувањето на личните уверувања и филозофии со цел да се прилагодат на ситуацијата, потоа на самосожалувањето, чувството на нејаснотија, односно немањето на јасен фокус, како и неподготвеноста директно да се соочиме со проблемите или негативните ситуации.
Сепак, ова е одличен период за креирање уметност, да веруваме во добрината на животот и да го подобриме своето разбирање гледајќи вон класите, религиозната припадност и останатите етиктети, бидејќи ова ќе биде период кога ќе сакаме да се поврземе со другите преку идеите, верувањата и праксите кои што имаат универзална природа.
27 Декември 2021 — Понеделник
СОНЦЕ во ЈАРЕЦ, МЕСЕЧИНА во ВАГА
Последна Четвртина на Месечината
Во 03:24 ч., МЕСЕЧИНАТА прави квадрат со СОНЦЕТО во ЈАРЕЦ, што е знак дека таа е во својата Фаза на Последна Четвртина, на 5 Ваг 32' — Човек ги гледа своите идеали кои што заземаат конкретна форма пред неговата внатрешна визија. Ова е момент на сатисфакција, бидејќи иднината сигурно ќе донесе повеќе.
Со самото утро ќе откриеме дека денес треба подобро да се подготвиме за иднината, да ја зајакнеме својата позиција и сила, балансирајќи ги надворешните и внатрешните дефанзивни механизми.
Стелиумот во ЈАРЕЦ открива дека сега ги имаме сите потребни ресурси — СОНЦЕ, МЕРКУР, ВЕНЕРА Рх конјункција ПЛУТОН — физичка сила и издржливост, објективност, резервираност и стабилност — затоа чувството на стабилна самодоверба ќе нѝ помогне да ја осигураме својата силна позиција.
МЕСЕЧИНАТА во убав воздушен тригон со САТУРН во промислената ВОДОЛИЈА ќе нѝ помогне да делуваме смирено, достоинствено и ефикасно особено ако се јават некаков вид на трауми или пак стрес.
Најголемата помош ќе ја добијат воздушните знаци — БЛИЗНАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА — кои што навреме ќе ги напуштат недостоинствените битки со луѓето чии што срца се затворени.
МЕСЕЧИНА секстил МАРС во пријателскиот СТРЕЛЕЦ е аспект кој што ќе помогне на лесен начин да ја наметнеме својата енергија и ентузијазам, со цел да ги оствариме своите амбиции.
Денес е добро да се задржи здравиот разум, да се има широка визија и да им се помогне на другите — на семејството, пријателите или колегите.
28 Декември 2021 — Вторник
СОНЦЕ во ЈАРЕЦ, МЕСЕЧИНА во ВАГА,
преоѓа во СКОРПИЈА ( 28–31 Декември )
во 22:16 ч.
МЕСЕЧИНА квинкункс НЕПТУН во имагинативните РИБИ открива дека ова е идеален ден за да ја ангажираме својата работна сила во некаков вид на проект кој што набрзо ќе вроди со финансиски плод.
Постепено напредуваме во областа на кариерата, интуитивно знаејќи дека ништо не се постигнува преку ноќ — МЕСЕЧИНАТА прави квадрати со МЕРКУР, ВЕНЕРА Рх и ПЛУТОН во ЈАРЕЦ. Преку многу обиди и грешки ќе откриеме која алатка е најдобра за нас и нашето сопствено напредување и како да се изразиме себе си и своите визии преку некој особен медиум.
Ова најмногу се однесува на кардиналните знаци — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — кои што ќе треба накратко да се изолираат за да ја истражат својата вештина и талент, а што ќе им донесе голема предност потоа.
Сега е добар момент да се научи уметноста на компромисот, по што се доаѓа до релаксација и смирување на емоционалните драми и патетики.
МЕСЕЧИНА тригон ЈУПИТЕР е аспект кој што ќе ја поттикне широкоградоста и доблеста. Авантуристичките планови ќе бидат успешни и ќе сакате да се дружите со истомислениците, особено ако припаѓате на воздушните знаци — БЛИЗНАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА.
Доцна навечер МЕСЕЧИНАТА преоѓа во мистериозната СКОРПИЈА: сензитивноста расте до драматичен степен, затоа внимавајте на интензивните емоционални реакции. Ова е период за регенерација, трансформација и терапевтски активности, особено преку некој вид на уметнички ангажман.
29 Декември 2021 — Среда
СОНЦЕ во ЈАРЕЦ, МЕСЕЧИНА во СКОРПИЈА
ЈУПИТЕР влегува во РИБИ
( 29 Декември 2021–10 Мај 2022 ), 05:09 ч.
Утрото започнува со прекрасен воден тригон на МЕСЕЧИНАТА во СКОРПИЈА со новодојдениот ЈУПИТЕР во РИБИ, оригиналниот владетел на овој нежен и сочувствителен знак, но исто така и во секстил со СОНЦЕТО во сериозниот ЈАРЕЦ.
Ова се супер аспекти кои што откриваат едно цело поле за асистенција, постигнување на респект за материјалните постигнувања и традиција.
Тоа е како да имате волшебно стапче со кое што ако замавнете би можеле да постигнете сѐ: да ги отстраните препреките, да ги завршите започнатите работи, да дојдете до саканата помош и успех и на тој начин да дојдете до опипливи резултати во своите дамнешни соништа.
Во фокус доаѓаат водените знаци — РАК, СКОРПИЈА и РИБИ — кои што ќе го откријат своето скриено богатство. Сепак имајте предвид да не ги преценувате работите, знаејќи дека балансот е клуч за сѐ во животот.
МЕРКУР конјункција ВЕНЕРА Рх во објективниот ЈАРЕЦ ќе овозможи да се изразуваме на љубезен начин, сакајќи да се разбереме со луѓето и говорејќи им топло и добродушно.
МАРС во ентузијастичниот СТРЕЛЕЦ квинкункс УРАН Рх во постојаниот БИК ќе нѝ покаже како да ја кротиме импулсивноста, затоа останете сочувствителни со себе и со другите: како што растеме и зрееме стекнуваме поголема мудрост и длабочините, плимата и осеката на животот повеќе не нѐ заплашуваат како порано.
МАРС тригон КАЈРОН е аспект кој што дава храброст да се говори за сензитивните теми бидејќи ќе имаме силно чувство на лична и спиритуална волја. Користете ја својата енергија за да му помогнете или да го подучите човештвото.
Попладнето МЕСЕЧИНАТА прави директна опозиција со УРАН Рх во БИК, но и квадрат со САТУРН во ВОДОЛИЈА, момент кога ќе треба да се делува многу трпеливо, да се биде благодарен и да се бројат дневните благослови. На овој начин ќе успееме да ја смириме тензијата и склоноста кон ексцентрично однесување, како и потребата нон стоп да работиме нешто, па дури тоа и да е непродуктивно.
Ова особено се однесува на фиксните знаци — БИК, СКОРПИЈА, ЛАВ и ВОДОЛИЈА — кои што ќе истражуваат нови начини да ги извршуваат своите работни задачи, да ја сменат рутинската работа и да стремат кон повозвишени цели.
Секојдневното постепено напредување сигурно ќе донесе резултати и големо изобилство во вистинското време. Мистериите ќе бидат откриени кога најмалку ќе се очекува, затоа култивирајте позитивни мисли, слушајте го својот внатрешен глас, соништа и интуиција. Сега имате огромна моќ да ја смените иднината.
30 Декември 2021 — Четврток
СОНЦЕ во ЈАРЕЦ, МЕСЕЧИНА во СКОРПИЈА
МЕСЕЧИНАТА во тригон со НЕПТУН во имагинативните РИБИ открива дека ова ќе биде супер емоционален ден, одличен за љубов, духовно исцелување и метаморфоза, за постигнување мир, радост и блаженство.
Ова најмногу се однесува на водените знаци — РАК, СКОРПИЈА и РИБИ — но и останатите знаци ќе го почувствуваат ова убаво влијание во некој специфичен сектор од својот живот.
Сега ќе бидеме невообичаено сензитивни кон чувствата на другите, затоа ќе биде потребно да ги разбереме работите во вистинската димензија, а тоа ќе биде најдобро ако ги користиме своите уметнички и креативни сили.
МАРС секстил САТУРН е аспект кој што дава дарба на истрајност, самодисциплина, како и самоконтрола, затоа ќе ги следиме своите цели на објективен и разумен начин.
Краткотрајните неколкукратни секстили на МЕСЕЧИНАТА со ВЕНЕРА Рх, ПЛУТОН и МЕРКУР во ЈАРЕЦ ќе го поттикне креативниот импулс кој што ќе доведе до успех. Решителноста и острата интелигенција ќе бидат во подем, а понежните души би можеле да бидат повредени — МЕСЕЧИНА квадрат ЈУПИТЕР во РИБИ. Сепак ваквата небесна слика укажува на постигнување на успех, во зависност од тоа каде се случуваат овие аспекти во вашата натална карта.
Момент за момент почнете да го оставате минатото зад себе имајќи верба и силна интуиција дека ја имате поддршката да отскокнете кон непознатото. Искуството ќе ве донесе до ситуации кои што нема да ве корумпираат.
31 Декември 2021 — Петок
СОНЦЕ во ЈАРЕЦ, МЕСЕЧИНА транзит СТРЕЛЕЦ
( 31 Декември 2021–2 Јануари 2022 ), 00:08 ч.
Транзитот на МЕСЕЧИНАТА во авантуристичкиот СТРЕЛЕЦ кажува дека веќе сме подготвени за дочекот на Новата Година и тоа со срце полно со оптимизам, љубов, пријателство и ентузијазам.
Краткотрајниот квадрат на МЕСЕЧИНАТА со ЈУПИТЕР во РИБИ го нагласува празничното и весело расположение, па затоа ќе треба да се внимава да не се претерува во ништо, започнувајќи од можната апатија или носталгија за годината што си оди или луѓето кои што повеќе не се со нас, сѐ до склоноста кон неразумен конзумеризам и растрошност во нереални цели.
Да, ова беше тешка година која што ги зближи луѓето од сите светски култури на едно поинтимно ниво, кои што споделуваа сѐсрдно имајќи ја предвид моќта на љубовта. Навистина е потребна храброст да се биде ранлив, да се споделат тајните на срцата, соништата и на тој начин да се дојде до исцелување.
Во првиот дел од денот променливите знаци ќе бидат во фокус — БЛИЗНАЦИ, ДЕВИЦА, СТРЕЛЕЦ и РИБИ — кои што ќе треба да внимаваат да не избрзуваат во ниту една активност.
СОНЦЕ тригон УРАН Рх е аспект кој што ќе помогне да ги искористиме своите уникатни дарби на најдобар можен начин: сега луѓето ќе ја ценат вашата индивидуалност и опуштеност, па ќе сакате да истражувате во областа на необичното и иновативното.
Ова најмногу се однесува на земјените знаци — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ — кои што со леснотија ќе ги даруваат останатите луѓе, особено оние помалку среќните личности. Оној што дава истовремено и добива, не заборавајте го тоа.
МЕСЕЧИНА секстил САТУРН во ВОДОЛИЈА е аспект кој што ќе помогне да се дружиме со интересни личности и да заборавиме на сите досегашни битки, барем накратко.
МЕСЕЧИНА конјункција МАРС укажува на потреба за претпазливост, особено кога станува збор за ракување со петарди или друг вид начини на прослава. Избегнувајте конфронтации ако се случи да сте под дејство на алкохол или генерално чувствувате силна возбуда поради празничниот дух.
Бидете среќни и весели, имајќи чувство за баланс и хармонија во сѐ што ќе правите. Бидете убави и друштвено коректни. Дочекајте ја Новата Година со силно чувство за убавина!
1 Јануари 2022 — Сабота
СОНЦЕ во ЈАРЕЦ, МЕСЕЧИНА во СТРЕЛЕЦ
Новата Година се појавува како Кралица која што воспоставува нови правила — СОНЦЕ тригон УРАН Рх во сензуалниот БИК: ова е момент кога знаеме дека нови креативни постигнувања се пред нас, не само земско исполнување, туку и интуиција и мудрост. Сега имаме големи соништа кои што ќе нѝ помогнат да се реализираме.
Соништата за поубава иднина се поттикнати и од квадратот МЕСЕЧИНА/НЕПТУН, што е причина повеќе да внимаваме и тоа да не стане некој вид на сапуница, бидејќи ова е аспект кој што ја брише границата помеѓу реалното и илузорното и на тој начин може да доведе до конфузија. Некој може да се разбуди со матна глава, а некој може да добие и голема мудрост.
Земјените знаци имаат убава поддршка од првиот аспект — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ — кои што сѐ повеќе и повеќе ќе откриваат нови можности со кои што ќе си го подобрат својот живот.
Променливите знаци — БЛИЗНАЦИ, ДЕВИЦА, СТРЕЛЕЦ и РИБИ — треба да внимаваат поради вториот аспект и да размислат подобро пред да превземат било каква активност. Бидете трпеливи и собрајте повеќе информации засега.
Останатиот дел од денот минете го во убаво расположение со своите најблиски, сеќавајќи се на убавите моменти, невини уживања и стари пријателства. Отворете ги очите како деца кои што се исчудуваат на светот и не цензурирајте ги своите емоции.
2 Јануари 2022 — Недела
СОНЦЕ во ЈАРЕЦ, МЕСЕЧИНА транзит ЈАРЕЦ
( 2–3 Јануари ), 00:02 ч.,
МЕРКУР влегува во ВОДОЛИЈА, 08:09 ч.,
МЛАДА МЕСЕЧИНА во ЈАРЕЦ, 19:33 ч.,
на 12 Јар 20' — Обожавател на оган медитира за крајните реалности на постоењето
И додека спиевте драги астро пријатели и ентузијасти, МЕСЕЧИНАТА влезе во прагматичниот ЈАРЕЦ, каде што дава емоционална сигурност тогаш кога животот е добро структуиран и предвидлив. Ова е момент кога се избегнуваат ризици, а се прават добро искалкулирани чекори со цел да се дојде до долготрајна сигурност во материјалната сфера.
Транзитот на МЕРКУР во ВОДОЛИЈА ќе го поттикне оригиналното размислување: сега ќе откриете дека вриете со многу нови идеи, кои што ќе сакате да ги споделите со колку што е можно повеќе луѓе, кои што се на некој начин сосема различни од вас и крајно уникатни, па дури и ексцентрични.
МЕРКУР во оригиналната ВОДОЛИЈА ќе го зголеми интересот во технологијата, прогресивното размислување, ќе донесе значајни научни откритија преку инвентивни решенија. Сега имаме капацитет за уникатни солуции кои што ќе ја подобрат иднината.
На 14 Јануари во 12:41 МЕРКУР го започнува своето прво Ретроградно движење, за кое што на 26 Јануари повторно ќе влезе во конзервативниот ЈАРЕЦ, а на 3 Февруари ќе прејде во директно движење. На 14 Февруари Меркур повторно влегува во футуристичката ВОДОЛИЈА.
Ова генерално ќе биде мирен ден, нешто како затишје пред бура, во кој што ќе се преиспитуваме, размислувајќи низ призмата на минатите искуства. Успесите, неуспесите, грешките — сето ова му припаѓа на минатото кое што служи како лекција која што треба да нѐ подучи како да постапуваме во иднината.
Можеби ќе почувствувате блага носталгија, но не задржувајте се на тоа чувство премногу долго, бидејќи само оние кои што имаат сила да станат после секој пораз ќе бидат способни да продолжат понатаму- МЕСЕЧИНА тригон УРАН Рх во практичниот БИК. Имајте храброст да признаете и простите, да се ослободите од вината и на тој начин да се преродите.
Во 19:33 ч. МЕСЕЧИНАТА прави конјункција со СОНЦЕТО во ЈАРЕЦ, што претставува нејзин нов циклус и Фаза на растење: МЛАДАТА МЕСЕЧИНА во ЈАРЕЦ е момент на креирање на нови сценарија со планирани исходи и креативен имуплс кој што ќе нѐ охрабри да ги оствариме своите соништа и желби.
МЛАДАТА МЕСЕЧИНА индицира дека нешто сосема ново се случува во нашите индивидуални животи и сега ќе треба да се задржи објективноста и перспективата, имајќи сочувство за соништата на другите луѓе.
Сабискиот симбол наречен — Обожавател на оган медитира за крајните реалности на постоењето — индицира дека сакате да постигнете знаење за крајната реалност на постоењето. Чувството на опасност ве привлекува и фасцинира и сега можете да размислите за нови почетоци, во кои што ќе ги искористите своите лични ресусри. Ова е степен кој што говори за потрага по суштински вистини.
Оваа МЛАДА МЕСЕЧИНА ве повикува да размислите за својот професионален статус и амбиција: запрашајте што би сакале да постигнете следните 12 месеци и направете план или шема како ќе го постигнете тоа. Секако дисциплината ќе ви биде најголем сојузник во постигнувањето на овие амбиции, како и самоконтролата.
@Ирена Танчева
@Irena Tancheva