Ирена Танчева,
Неделна Астролошка Прогноза,
6–12 Декември 2021
Декември 7, 12:48 ч. Месечината влегува во Водолија
Декември 9, 15:53 ч. Месечината влегува во Риби
Декември 11, 22:46 ч. Месечината влегува во Овен
Декември 11, 02:35 ч. Прва Четвртина на Месечината
19 Риб 13'
Анализата е изработена според Централно Европско Време
6 Декември 2021 — Понеделник
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во ЈАРЕЦ
Дневната динамика ја следиме со транзитот на МЕСЕЧИНАТА и аспектите кои што таа ги прави со останатите небесни тела, а овој ден започнува со убав тригон на МЕСЕЧИНАТА во сериозниот ЈАРЕЦ и УРАН Рх во истрајниот БИК. Овој аспект нуди поддршка во менувањето на вниманието од страв кон љубов, кое што е дел од еволуцијата во човечката свесност, така што сега се враќа надежта и оптимизмот за иднината.
Во фокус доаѓаат земјените знаци — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ — кои што ќе откријат дека имаат необични способности како интуиција, креативност, спиритуална будност, мултисензорност и универзална љубов.
СОНЦЕ квинкункс УРАН Рх е аспект кој што укажува дека треба да им пружиме поддршка на оние кои што ќе ја побараат од нас, како учител на ученик или мајка на дете, со што ќе ги заштитиме луѓето за кои што се грижиме и ќе им дадеме вистинска насока во животот.
Денес стелиумот е сместен во организираниот ЈАРЕЦ — МЕСЕЧИНА, ВЕНЕРА и ПЛУТОН — а што ќе даде одлична поддршка при апликацијата на новите и неистражени идеи поттикнати од СОНЦЕТО и МЕРКУР во авантуристичкиот СТРЕЛЕЦ. Сега знаеме да комуницираме добро едни со други и да ги надминете недоразбирањата поттикнати од МАРС во мистериозната СКОРПИЈА.
МЕСЕЧИНА секстил НЕПУТН во духовните РИБИ ја зголемува хармонијата, сензитивноста и чувството за убавина, но може да ги зголеми и нагласи нереалните стравови. Ова е момент кога секој од нас ќе посака да е миротворец, како и емисар на љубовта, така што ако почувствувате дека светот станува премногу сериозен, најдете начин да се насмеете гледајќи некоја комедија, бидејќи на тој начин ја враќаме перспективата во животот, а со тоа ја оттргнуваме болката од центарот на своето битие.
Прочистете се од минатото и бидете весели: очите повторно ќе сјаат со радост и задоволство — МЕСЕЧИНА конјункција ВЕНЕРА. Сега е време.
7 Декември 2021 — Вторник
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во ЈАРЕЦ,
преоѓа во ВОДОЛИЈА ( 7–9 Декември )
МЕСЕЧИНА конјункција ПЛУТОН и МЕРКУР квадрат НЕПТУН — ова се првите аспекти кои што ќе му дадат една судбинска нота на овој ден, момент кога пеперутката излегува од својата кожурка и ја открива својата сила која што има ефект на бранување врз животот.
Иако сѐуште нѝ претстои работа, сега знаеме дека имаме слободна волја, но и судбина, а овие две нешта танцуваат заедно креирајќи патерн кој што е уникатен во мрежата наречена живот: секоја акција има свое влијание и секој избор креира нови резултати.
Променливите знаци доаѓаат во прв план — БЛИЗНАЦИ, ДЕВИЦА, СТРЕЛЕЦ и РИБИ — кои што ќе треба добро да размислат за изборите кои што треба да ги направат. Бирајте добро, бидејќи нашите избори влијаат на пошироката целина и на секој од нас. Она што му се случува на еден им се случува на сите.
Со транзитот на МЕСЕЧИНАТА во оригиналната ВОДОЛИЈА повторно откриваме дека сме истовремено и дух и тело. Благо дистанцирани од другите, ова е момент кога претпочитаме интелектуална анализа, сакаме да говориме за друштвените теми и светските настани, а емоциите ги оставаме настрана.
Овој транзит им одговара на воздушните знаци — БЛИЗНАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА — кои што со леснотија ќе се препознаат во очите на другите, но не дозволувајќи си да бидат премногу ранливи.
8 Декември 2021 — Среда
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во ВОДОЛИЈА
МАРС квадрат ЈУПИТЕР е аспект кој што ја зголемува амбицијата да се успее на голем начин со превземањето на ризици, па затоа тоа е причина повеќе да бидеме самодисциплирани бидејќи импулсивноста може да стане препрека за надминувањето на предизвиците.
Овој аспект ги става во фокус фиксните знаци — БИК, ЛАВ, СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА — како и оние со планети или Асцендент во истите. Сега е добро да направите блиски семејни и пријателски врски, кои што ќе ви помогнат да ги постигнете своите цели во непосредната иднина.
МЕСЕЧИНА конјункција САТУРН е аспект кој што може да ја зголеми срамежливоста, особено во односот родител/дете, најмногу мајка/дете, а ако овој однос е совладан, тогаш тоа ќе донесе убави награди и признанија во физичкиот свет. Ова е убав аспект кој што укажува на учење на кармички лекции.
МЕСЕЧИНА квадрат УРАН Рх е аспект кој што ја нагласува возбудата, спонтаноста, како и ентузијазмот за сите новитети, но ќе треба внимателност и избегнување на ексцентрично однесување, најмногу во романтичната сфера. Откако еднаш ќе научите да ги погледнете работите од сите аспекти, вашата интуиција и уникатна природа ќе процутат.
9 Декември 2021 — Четврток
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во ВОДОЛИЈА,
преоѓа во РИБИ ( 9–11 Декември )
ВЕНЕРА конјункција ПЛУТОН во организираниот ЈАРЕЦ е аспект кој што ќе се провлекува неколку дена, а ќе ја говори вистината без компромис: денес интмните врски минуваат низ фаза на промена и огромна трансформација, па би можеле да откриете дека делувате по малку ирационално, страствено и интензивно во обид да ги донесете саканите промени.
Промената од овој тип се однесува и на повисоките авторитети, организациски структури и влади, кои што во текот на целата недела ќе минуваат низ фаза на преговори, консултации, склучувања на нови договори или изнаоѓање на компромиси.
Ова најмногу ги засега кардиналните знаци — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — кои што би можеле да се соочат со болни разделби и конфронтации. Искуство на агонија и екстаза. Моќ и влијание. Грешки и недостатоци, по кои што се доаѓа до вистинска мудрост.
За среќа конјункцијата на МЕСЕЧИНАТА со добродушниот ЈУПИТЕР ќе ги намали емоционалните реакции, сакајќи да најде толеранција и прошка за туѓите грешки. Пријателите се тука да ве поддржат со совет, но и да инвестираат во вас.
Можеби накратко ќе почувствувате немир и фрустрација, особено ако вашите првични желби не се задоволени — МЕСЕЧИНА квадрат МАРС — но и тоа брзо ќе се смени, особено ако се обидете да го отстраните вишокот на стрес преку силни физички вежби или активност.
Транзитот на МЕСЕЧИНАТА во меките РИБИ ќе го намали тонот на овој динамичен ден: сензитивни до точка на телепатија, ова е момент кога сочувствуваме со другите, кога ќе ги разбираме нивните неизговорени чувства, па затоа че сакаме да им помогнеме на оние кои што минуваат низ период на болка или конфузија.
10 Декември 2021 — Петок
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во РИБИ
Ова е ден кога чувствувате дека мора да дојде до крај и тоа мора да се случи наскоро — ВЕНЕРА конјункција ПЛУТОН — сѐ мора да заврши еден ден за да дојде нов почеток кој што ќе направи простор за нови искуства и комбинации.
Тоа е како да одбирате бои за везење или ткаење на нови одделни елементи: работи, луѓе или идеи. Предизвик кој што треба да се надмине со тоа што ќе се избегнува преголемата потреба за контролирање или микроменаџмент.
Земете ги предвид сите сите различни и индивидаулни квалитети кои што секој може да ги има. Обидете се да работите тимски, давајќи му ред, смисла и позиција на секој одделен дел, бидејќи во тоа лежи убавината во постигнувањето на продуктивност и организација.
МЕСЕЧИНА секстил УРАН Рх во постојаниот БИК ќе даде доза на опуштеност, хумор и спонтаност, со што ќе се зголеми задоволството поради постоечките промени. Запрашајте се што ве чини среќни? Како можете да ја вратите повторно таа среќа?
Ова особено се однесува на водените знаци — РАК, СКОРПИЈА и РИБИ — кои што со леснотија ќе играат со новите понудени можности. Оставете ја носталгијата настрана, а користете ја фантазијата во нови креативни потфати. Веројатна е средба со личности од минатото.
Во вечерните часови МЕСЕЧИНАТА веќе се ближи во квадрат со СОНЦЕТО, кој што ќе се чувствува и во текот на следниот ден. Ова е момент на блага тензија и спротиставеност на индивидуалните и колективните потреби, како и на променливи емоционални реакции.
11 Декември 2021 — Сабота
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во РИБИ,
преоѓа во ОВЕН ( 11–14 Декември )
Прва Четвртина на Месечината
И додека спиевте драги астро ентузијасти и пријатели, вашата потсвест даунлоудираше информации за емоционално исцелување: денес е одличен ден за менување на здравствените навики, за воведување на поздрава исхрана и чаеви од различни видови на билки, со што ќе си ја подобрите генералната благосостојба и балансот помеѓу духот и телото — МЕСЕЧИНА конјункција НЕПТУН.
Постоечката конјункција ВЕНЕРА/ПЛУТОН продолжува и денес, поддржана од секстил на МЕСЕЧИНАТА во РИБИ. Сето ова говори дека ова е одличен момент да започнете ново патување во постигнувањето на подобро здравје, добросостојба и исцелување, особено по сите стресови доживеани со појавувањето на пандемијата, која што го смени животот на глобално ниво и на сосема неверојатни начини.
Променливите знаци доаѓаат во прв план — БЛИЗНАЦИ, ДЕВИЦА, СТРЕЛЕЦ и РИБИ — кои што ќе доживеат нови возбуди преку пријателствата и романтичните врски. Животот е авантура кога нови можности ќе затропаат на вашата врата!
МЕСЕЧИНА тригон МАРС е аспект кој што ќе ги активира водените знаци — РАК, СКОРПИЈА и РИБИ — кои што со голема креативност ќе отскокнат надвор од својата комфорна зона кон нови предизвици.
Транзитот на МЕСЕЧИНАТА во храбриот ОВЕН ќе го забрза темпото, а тоа е момент кога ќе откриеме дека во животот честопати се збогуваме со драгите луѓе, момент кој што носи нови личности во нашите животи. Секое Збогум е ново Здраво, затоа бидете здрави, убави и весели драги мои.
12 Декември 2021 — Недела
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во ОВЕН
Оваа Недела е со темпераментен квалитет — МЕСЕЧИНА во ОВЕН — момент кога директно ги изразуваме емоциите и најверојатно правиме испади, со цел да брзо да ја пренсеме својата порака. Храбри, импулсивни и нетрпеливи, сакаме да се соочиме со предизвиците први и наглавечки.
Ова е свежа и пролетна енергија, па затоа сега гледаме само потенцијали, како кога семето ја бутка земјата за да излезе на површина, стремејќи се кон Сонцето.
Денес СОНЦЕТО прави квадрат со НЕПТУН во сонливите РИБИ, аспект кој што ќе ја зголеми сензитивноста до екстремно ниво, така што склоноста да се изгубиме во своите фантазии ќе биде силно нагласена. Сепак, ова е супер аспект за креирање на некој вид на уметност, за мистицизам и спиритуални аспирации.
Во фокус ќе дојдат променливите знаци — БЛИЗНАЦИ, ДЕВИЦА, СТРЕЛЕЦ и РИБИ — како и оние со планети или Асцендент во истите. Затоа компетитивноста ќе биде малку намалена, а многумина би посакале да избегаат од тешката реалност на животот.
Огнените знаци ќе имаат одличен бенефит од огнената МЕСЕЧИНА — ОВЕН, ЛАВ и СТРЕЛЕЦ — кои што со леснотија ќе го прегрнат сопственото обновување, растење и учење.
Денес е одличен ден да бидете свежи. Да започнете нов циклус. Да откривате. ОВЕНОТ е прв знак во Зодијакот, па затоа се смета за пионер.
@Ирена Танчева
@Irena Tancheva