Ирена Танчева,
Неделна Астролошка Прогноза,
13–19 Декември 2021
Декември 14, 09:10 ч. Месечината влегува во Бик
Декември 16, 21:42 ч. Месечината влегува во Близнаци
Декември 19, 10:41 ч. Месечината влегува во Рак
Декември 13, 10:53 ч. Марс влегува во Стрелец
Декември 13, 18:52 ч. Меркур влегува во Јарец
Декември 19, 05:35 ч. Полна Месечина во Близнаци,
на 27 Бли 29',
Декември 19, 11:36 ч. Венера Ретроградна, на 26 Јар 29'Рx
Декември 19, 17:32 ч. Кајрон Директен, на 8 Ове 26' Д
Анализата е изработена според Централно Европско Време
13 Декември 2021 — Понеделник
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во ОВЕН
Неделата започнува динамично — СОНЦЕ конјункција МЕСЕЧИНА — и вашето срце чука со необичен ритам, особено ако им припаѓате на огнените знаци — ОВЕН, ЛАВ и СТРЕЛЕЦ. За вас е можна нова романса, а во постоечките врски се јавува нова страст и жар. Лежерни и опуштени, вашето учество во животот ќе биде со позитивен карактер.
Денес две планети менуваат позиција — динамичниот МАРС влегува во веселиот СТРЕЛЕЦ, а љубопитниот МЕРКУР влегува во организираниот ЈАРЕЦ. Оваа комбинација , накратко кажано, ќе го зголеми разбирањето и донесе јаснотија, потоа фокусирана интелигенција и проценка: сега ја разбираме рационалноста на своите дејствија. Знаењето зошто сакаме нешто е исто толку важно како и знаењето што навистина сакаме. Со голема прецизност и интелигенција ќе дојдеме до поголема храброст и ќе се оттргнеме од оние кои што нѝ го одвлекуваат вниманието.
Транзитот на МЕРКУР во ЈАРЕЦ го поттикнува мудрото и внимателно размислување, така што сега повеќе ќе им веруваме на авторитетите и нивниот кредибилитет. Новите идеи ги прифаќаме со доза на скептицизам и бараме потврда за она што сакаме да го научиме — ЈАРЕЦОТ е знак со кардинален квалитет.
Транзитот на МАРС во СТРЕЛЕЦ е весел чин, бидејќи СТРЕЛЕЦОТ е знак со променлив квалитет, па затоа сега нагонот и акцијата ќе имаат посветли мотиви, со што ќе можеме да го збогатиме својот дух. Сега ќе се јават лидери со инспиративен карактер кои што имаат силна желба за истражување и авантура. Ова е период кога колективно ќе сакаме да откриваме нови хоризонти, бркајќи ги своите блескави цели, а при тоа користејќи добар хумор за дифузирање на тешките животни реалности.
Првиот транзит ќе им одговара добро на земјените знаци — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ — кои што ќе ја добијат саканата поддршка: материјална, емоционална или интелектуална.
Вториот транзит ќе им одговара добро на огнените знаци — ОВЕН, ЛАВ и СТРЕЛЕЦ — кои што успешно ќе ги надминат ситните игри за доминација и драми во кои што се вклучуваат помалку интелигентните. Сега ќе најдете добри пријатели, другари и соработници кои што ќе го ценат вашето мислење и труд.
Вечерниот квадрат на МЕСЕЧИНАТА со конјункцијата ВЕНЕРА/ПЛУТОН во ЈАРЕЦ ќе нѝ открие како да стигнеме до својата цел на смирен начин и покрај бурните води, односно страсти кои што ствараат реално чувство на тензија и опсесија.
Оваа МЕСЕЧИНА е храбра и самодоволна и знае да го заврти својот грб и замине во нов правец на својот пат кон постигнувањето на среќа. Затоа умно ќе се носи со постоечките промени и работите кои што се вон нејзината контрола.
Ова најмногу се однесува на кардиналните знаци — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — кои што ќе се препуштат на водството од страна на другите, а што не е карактеристично за нив, но разбирајќи ги променливите времиња и знаци, едноставно ќе знаат дека наскоро ќе бидат на сосема друго место. Сега судбината е како тркало кое што се врти сѐ поинтензивно.
14 Декември 2021 — Вторник
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во ОВЕН,
преоѓа во БИК ( 14–16 Декември )
МЕСЕЧИНА квинкункс МАРС, а во тригон со СОНЦЕТО е момент кога откриваме дека не сме толку заинтересирани за световната сфера: сега сакаме време да се исчудуваме на чудата во светот, тежнееме кон убавина, магија и конекција со светото. Сега е добро да се воспостави духовна пракса или ритуал кои што ќе подучуваат за доблеста на човечката природа.
МЕРКУР тригон МЕСЕЧИНА е аспект кој што ќе открие јасни, објективни и реалистични цели, а може да доведе до средба со личност која што долго размислува пред да превземе било каква акција. Иако сме отоворени за нови идеи и филозофии, сепак ќе ги респектираме традиционалните вредности — МЕСЕЧИНА транзит БИК. Ова е време за преговори кои што ќе бараат непристрасност и волја за објективно преговарање.
МЕСЕЧИНАТА во сензуалниот БИК сака добра храна, милувања, убава музика со стабилен ритам, но и сатенски чаршави. Заводлива, стабилна и постојана, таа тука пружа утеха од непостојаноста и променливите услови во непостојаниот свет — силна позиција која што дава баланс помеѓу надворешниот и внатрешниот свет.
Во фокус ќе дојдат земјените знаци — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ: сега ги имате сите потребни ресурси. Вашите механизми се силни и имате стабилност против било каква закана. Подгответе се за следните предизвици.
Од денес натаму квадратот САТУРН/УРАН Рх креира квадрат кој што ќе биде по трет пат егзактен годинава и тоа на 25 Декември, а МЕСЕЧИНАТА во квадрат со САТУРН ќе го потенцира овој аспект.
Првиот аспект бара да ја задржиме својата морална сила, особено ако другите делуваат со неблагородни ипулси и уверувања. Ако имате проблем со некој вид на авторитети, сега ќе треба да ја научите убавината на постигнувањето на компромис.
Вториот аспект повикува на пријателско решавање на конфликтите и на љубезност. Ако животот ви даде лимони, научете да направите лимонада. На овој начин ќе најдете сила да созреете.
Овие аспекти ги ставаат во прв план фиксните знаци кои што немаат склоност да ги менуваат своите навики — БИК, ЛАВ, СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА. Сепак ова се знаци кои што имаат силна емоционална резерва и отпорност, од кои што другите знаци би можеле да научат многу.
МЕСЕЧИНА конјункција УРАН Рх е аспект кој што открива нови и необичаени ресурси, ја нагласува инвентивноста и независноста. Ова е момент кога се можни ексцентрични реакции, кои што носат креативни и имагинативни промени, најмногу за земјените знаци — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ.
15 Декември 2021 — Среда
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во БИК
Ова е ден кој што со самиот почеток ќе открие дека пред нас лежат безброј креативни можности — Да! Во едната рака држите ружа, а во другата огледало. Погледнете се добро и откријте дали ружата ве повредува или ја поттикнува вашата лична убавина — МЕСЕЧИНА квадрат САТУРН.
Ако имате чувство на неавтентичност или нездрави навики — МЕСЕЧИНА конјункција УРАН Рх — откријте го својот нов потенцијал, посветувајќи му се на ентузијазмот за учење. Искористете ги своите таленти мудро и исправете се ако се случи да паднете. Барајте менторство од пооригинални луѓе и започнете креативни проекти. Можна е средба со личности од уметничката сфера.
Фиксните знаци се повторно во фокус — БИК, ЛАВ СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА — кои што ќе имаат поголем ентузијазам за нови проекти и задоволства: денешните откритија ќе ви откријат можности за истражување на нови потфати и страсти.
Оваа МЕСЕЧИНА нѝ открива дека со љубовта се чувствуваме комплетни, обожувани и отворени кон едно ново искуство. За момент би можеле дури да бидеме и луди, а сето тоа поттикнува да ги истражуваме границите на физичката сензација, копнежот и желбата. Можеби сето ова трае многу кратко, сепак запомнете дека е добро да љубите и дека сте вредни за љубов, затоа сакајте се исправно прво самите себе, а потоа и другите, со целото свое битие и со целото свое срце. Без никакво жалење.
16 Декември 2021 — Четврток
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во БИК,
преоѓа во БЛИЗНАЦИ ( 16–19 Декември )
МЕСЕЧИНАТА во сензуалниот БИК во тригон со ВЕНЕРА конјункција ПЛУТОН во ЈАРЕЦ — ова утро е одличен момент за правење на нови ветувања, договори и врски кои што ќе имаат траен карактер. Од нас се бара лојалност, истрајност и стабилност, без оглед на околностите и туѓото однесување и третман.
Во правењето на договори ќе треба да знаеме да читаме меѓу редови, бидејќи не секогаш зборовите можат да се разберат во правилен контекст — СОНЦЕ квинкункс МЕСЕЧИНА. Дури и само накратко да си пружите рака со другата страна, запрашајте се каков е контекстот на таквиот чин. Размислете за идните последици и кармички багаж, покрај моменталниот бенефит. Разберете ја тежината на својот збор, како и онаа од другата страна. Балансирајте ја машката и женската страна.
Денес во фокус доаѓаат земјените знаци — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ — кои што објективно ќе ги разгледаат своите грешки пред да донесат конечна пресуда, а потоа ќе се ослободат од било каква вина или срам.
Овој тип на анксиозност ќе мине штом МЕСЕЧИНАТА влезе во променливите БЛИЗНАЦИ: во вечерните часови ќе уживате да разговарате за динамиката и случувањата во текот на денешниов ден, завземајќи контраверзен став само со цел да откриете што мисли другата страна.
Воздушните знаци ќе дојдат во прв план — БЛИЗНАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА — кои што вечерва, но и утре ќе водат во разговорите, ќе се тепаат да дојдат до збор и да бидат главни во секоја тема.
17 Декември 2021 — Петок
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во БЛИЗНАЦИ
МЕСЕЧИНАТА во БЛИЗНАЦИ е љубопитна, сака да разговара за интригантни теми и да парира во секој разговор. Ова е интелигентна МЕСЕЧИНА, жива и агилна, обожава дебати, брзи одговори, крстозборки и компјутерски игри, затоа таа е стимулативна, забавна и инвентивна.
Изутрната таа прави опозиција со МАРС, момент кога од играчка може да дојде до плачка. Желбата да се дојде до израз обично завршува со конфликт. Можни се аргументи, обвинувања и лутина, а сето ова може да се избегне со силна физичка активност и спорт.
Ова најмногу се однесува на променливите знаци — БЛИЗНАЦИ, ДЕВИЦА, СТРЕЛЕЦ и РИБИ — на кои што ќе им биде потребна поголема концентрација за да постигнат баланс.
Ова е ден со нов наплив на енергија, која што ќе даде широк потенцијал, како и можност да се просперира, особено ако оваа силна енергија се инвестира добро.
Денес би можеле да ги откриете своите лидерски способности, особено ако знаете да водите на едноставен и некомлициран начин — МЕСЕЧИНА тригон САТУРН во уникатната ВОДОЛИЈА. Секој еден од нас е прекрасна личност, со специфичен сет на таленти и секој има своја божествена мисија: вие сте важни за оваа планета!
Затоа денес работете на тоа да постигнете добро физичко здравје, радост, ентузијазам и оптимизам. Најдобро можете да покажете преку својот пример.
Воздушните знаци ќе имаат најголем бенефит од овој аспект — БЛИЗНАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА — кои што ќе умеат да се носат добро со својата моќ и позиција.
18 Декември 2021 — Сабота
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, МЕСЕЧИНА во БЛИЗНАЦИ
МАРС секстил МЦ е аспект кој што ќе ја зголеми желбата да им се помогне на другите, бидејќи постои јасно чувство за реципроцитет, особено во областа на кариерата.
Исто така МАРС прави благ тригон со КАЈРОН Рх во ОВЕН, а што се рефлектира како дарба да се зборува во име на другите, особено помалку моќните луѓе. Сега со леснотија разговараме за сензитивните теми, бидејќи постои силно чувство на лична и спиритуална волја.
Затоа ова е прекрасен ден за исцелување и отстранување на токсичната енергија која што се појавува во човечкиот свет одвреме навреме, а по што природните сили го расчистуваат патот за да може светот повторно да се покаже во својот блескав раскош.
МЕСЕЧИНАТА во БЛИЗНАЦИ има пролетна енергија, може да предизвика благ хаос како ненадеен пролетен дожд, по малку солзи, а потоа смешки, по што ќе сфатиме дека за ништо не треба да се врзуваме премногу — МЕСЕЧИНА квадрат НЕПТУН во ранливите РИБИ.
Ако треба да патувате, пакувајте се и најдете начин да се движите брзо, не плашејќи се дали ќе добиете или изгубите контрола и ред. Бидете свежи и прекрасни: земете длабок здив, пронајдете го својот глас и извикајте од врвот на планината! Утре рано изутрина ќе се разбудите под влијание на ПОЛНАТА МЕСЕЧИНА, која што ја чувствувате уште сега.
19 Декември 2021 — Недела
СОНЦЕ во СТРЕЛЕЦ, ПОЛНА МЕСЕЧИНА во БЛИЗНАЦИ,
на 27 Бли 29' — Општеството дозоволува стечај, човек со мешани чувства заминува од судот,
МЕСЕЧИНА транзит РАК ( 19–21 Декември )
ВЕНЕРА Ретроградна ( 19 Декември 2021–29 Јануари 2022 ),
на 26 Јар 29'Рx,
КАЈРОН Директен, на 8 Ове 26' Д
Ова е ден со силна планетарна динамика: МЕСЕЧИНА опозиција СОНЦЕ е знак дека МЕСЕЧИНАТА е во својата Полна Фаза, а што практично значи силни емоции и спортиставени желби, момент на кулминација на сите претходни напори, договори и ветувања.
СОНЦЕТО и МЕСЕЧИНАТА прават секстил со ЈУПИТЕР во ВОДОЛИЈА, олеснителен аспект кој што ќе го отстрани стравот од ранливоста, а со тоа ќе помогне во носењето на подобри одлуки, особено во потфатите кои што се чинат ризични, но и судбински. Сега ќе откриете дека сте потолерантни и подготвени да заборавите на туѓите грешки, а на тој начин да си осигурате успех, материјална благосостојба и подобро здравје.
СОНЦЕТО се наоѓа на Супер Галактичкиот Центар, последните 5 степени од праведниот СТРЕЛЕЦ, што самото по себе означува креативен импулс кој што мора да се следи. Сега страста бара да биде искажана, истражена и постигната, што на практичен начин значи успех. Ова е само почеток и времето за акција е токму денес, затоа делувајте без да одолговлекувате.
Променливите знаци доаѓаат во фокус — БЛИЗНАЦИ, ДЕВИЦА, СТРЕЛЕЦ и РИБИ — кои што ќе бидат инспирирани да се издигнат над своите ограничувања како посебен вид на акробати и отскокнат во нова реалност. Денес се здобивате со нова перспектива.
Транзитот на МЕСЕЧИНАТА во РАК ќе го намали немирот и анксиозноста тежнеејќи инстинктивно кон мир и тишина. Ова е нејзин знак домицил, каде што таа ги дава своите најубави квалитети, односно грижа за домот, семејството, односите со родителите, а најмногу мајката. Затоа во останатиот дел од денот ќе биде најдобро да им се посветиме на најблиските и да го минеме денот во домашна средина.
Денес ВЕНЕРА го започнува своето Ретро движење во сериозниот ЈАРЕЦ, за чие што време ќе бидеме во фаза на преиспитување, навраќање на старите врски, коригирање на постоечките, како и ревизија на нашите основни вредности, а сето тоа ќе вроди со многу напнатост и нервоза. Вредностите ќе варираат, како и финансиите, па ова е период кога се сугерира штедење на ресурсите.
ВЕНЕРА е небесно тело задолжено за љубовта и сензуалното уживање. Нејзиното влијание дава желба за интимност, хармонија и мир. Таа управува со копнежот на духот по повисоките сфери и на тој начин ја храни душата и умот. Во нејзин домен спаѓаат луксузот, имотот, како и личниот вкус.
ПЛУТОН е небесно тело кое што царува со мистериите на смртта и преродбата, трансформацијата и значајните животни промени. Регенерацијата и отпуштањето на тагата се под негов домен. Мудрите знаат како да го остават застареното зад себе за да направат место за новитети. Тој е владетел на подземјето, па на тој начин и на оние места кои што се тешко видливи за голото око.
За време на ова четириесетдневно ретроградно движење, таа повторно ќе ја активира актуелната којункција со ПЛУТОН, а што ќе доведе до колективна метаморфоза.
Декември 19: ВЕНЕРА врти Ретроградно
Декември 25: ВЕНЕРА Рх конјункција ПЛУТОН
Јануари 29, 2022: ВЕНЕРА врти Директно
Март 3, 2022: ВЕНЕРА Д конјункција ПЛУТОН
Ова е период на прочистување и чистење, трансформација на вредностите, потоа промени во блиските врски, но и организациски структури, а сето тоа најавува можност за менување на перспективата и проширување на хоризонтите.
Кардиналните знаци ќе бидат во фокус — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — кои што ќе се здобијат со екстра свежа енергија, ќе иницираат нови почетоци, ветувања и нови, изобилни можности. Сега од вас се бара да бидете флексибилни и да планирате на долги стази.
Директното движење на КАЈРОН во ОВЕН ќе открие нова мудрост и ќе инспирира преку музика, уметност, танц и поезија. Неговиот пласман во воинствениот ОВЕН му дава голема сила, како да има меч во рацете: тоа е меч на вистината кој што сече на двете страни бескомпромисно. На овој начин се носат решенија за сите инволвирани страни и се доаѓа до долгоочекуваната победа.
@Ирена Танчева
@Irena Tancheva