Ирена Танчева,
Неделна Астролошка Прогноза, 15–21 Март, 2021
Трендови на неделата:
Март 16, 11:56 ч., Месечината влегува во Бик
Март 19, 00:47 ч., Месечината влегува во Близнаци
Март 21, 13:17 ч., Месечината влегува во Рак
Март 15 23:26 ч., Меркур влегува во Риби
Март 20 10:37 ч., Сонцето влегува во Овен
Март 21 15:16 ч., Венера влегува во Овен
Анализата е изработена според Центално Европско Време
15 Март, 2021 — Понеделник
СОНЦЕ во РИБИ, МЕСЕЧИНА во ОВЕН
Ако сакате заштита или начин со кој што би се оттргнале од семејните шеми за кои што многумина сметаат дека се застарени, денешниот ден ќе е одличен за тоа: СОНЦЕТО во РИБИ ветува вистински богаства за вистинските трагачи, а МЕСЕЧИНАТА во ОВЕН ја дава толку потребната храброст за да го сторите токму тоа!
Денес е одличен ден да се потпрете на својата кармичка мудрост и на искуството од минатото — МЕСЕЧИНА секстил ЈУПИТЕР во хуманата ВОДОЛИЈА. На овој начин ќе привлечете нови пријателства, како и ментори кои што ќе ви покажат што е вредно да задржите во својот живот, а што е нужно да си оди засекогаш.
Тие се тука да ви дадат заштита, по која што ќе се чувствувате силни за да направите крупни промени во својот живот — МЕСЕЧИНА квадрат ПЛУТОН во сериозниот ЈАРЕЦ — и да донесете решенија засновани на здрав разум и личен интегритет.
Доцна навечер МЕРКУР, планетата задолжена за комуникација, трговија, сообраќај и друг вид на интелектуална размена ќе влезе во светот на сензитивните РИБИ, а за чиј што транзит колктивно ќе имаме чувство дека нѝ е потребно заземјување, бидејќи тука МЕРКУР добива надреалистични црти.
Време е за правење на нови избори, сојузи и еволуција во свесноста. Световите се стопуваат и постануваат едно. Слушаме пораки на телепатско ниво и разбираме сѐ што се случува надалеку.
16 Март, 2021 — Вторник
СОНЦЕ во РИБИ, МЕСЕЧИНА транзит БИК
( 16–19 Март )
Ова е одличен ден за промоција, за постигнување на сигурност и заштита, особено во материјалната сфера — СОНЦЕ секстил ПЛУТОН во амбициозниот ЈАРЕЦ. Направете практични напори во реалниот свет и откријте ги сите аспекти од некое конкретно прашање.
МЕСЕЧИНАТА во БИК дава добро здравје, силна градба и виталност, а што ќе ви помогне да се сетите зошто живеете на Земјава. Затоа сконцентрирајте се на практични исходи.
Сега можеме да кажеме дека ќе здивнеме од брзото темпо и ќе влеземе во период со попријатна и бавна енергија. МЕСЕЧИНАТА добива нагласени и убави квалитети кога е во овој романтичен знак, па ќе уживаме во убави моменти со саканите, во тактилни сензации, романса, како и прошетка во природата.
Удобноста, комодитетот и комфорот доаѓаат во прв план, како и лежерноста и потребата за одмор. Оние што сепак ќе одлучат да работат, ќе имаат големо трпение и издржливост и со својата сила ќе дојдат до изобилие, убавина и среќа во животот.
Користете го јазикот на љубовта за да ја постигнете саканата цел — МЕРКУР транзитира во меките и имагинативни РИБИ — а со што комуникацијата станува нежна и сочувствителна. Останете цврсти, а меки одвнатре, верувајте дека небото и земјата можат да се спојат и да ви дадат сила и мудрост, едноставно вие сте посилни отколку што мислите и помудри отколку што претпоставувате!
17 Март, 2021 — Среда
СОНЦЕ во РИБИ, МЕСЕЧИНА во БИК
На првите степени на БИК, МЕСЕЧИНАТА се среќава со непредвидливиот УРАН, а што може да се преслика како внатрешна несигурност, необична ситуација или случка, како и потреба да се побегне од сѐ што нѐ гуши.
Може да откриеме нова свесност за тоа што нѝ е потребно во нашите врски и ќе нѝ биде потребна поголема емоционална слобода. Среќавање со нови и необични идеи, како и начини за промовирање.
Сега ќе биде добро да се задржи чувството за здрав разум, бидејќи тоа е најефективната алатка која што помага да се разбере интуицијата, по што ќе делувате со намера и ќе ја отклучите својата внатрешна магија. Замислете и креирајте.
Обрнете внимание на оние кои што би сакале да земат нешто од вас, без ваша согласност. Избегнувајте енергетски вапири. Делувајте само после добивањето на валидни информации — МЕСЕЧИНА квадрат САТУРН во прогресивната ВОДОЛИЈА. Можна е каприциозност во љубовта.
Моќта лежи во емоциите — во моќта да сакаме, да се поврземе со другите подлабоко, да искусиме божествени светови, да ја оствариме својата судбина и цел, да постигнеме изобилие и да ја осознаеме и ја зборуваме својата вистината.
18 Март, 2021 — Четврток
СОНЦЕ во РИБИ, МЕСЕЧИНА во БИК
Кои сме, каде сме и го живееме ли животот што го сакаме? Истражуваме во мистичното — СОНЦЕ во РИБИ — поддржани од стабилната МЕСЕЧИНА во БИК. Чувствуваме голема емоционална сигурност сметајќи дека сме го одбрале најдоброто за себе и верувајќи ѝ на својата внатрешна мудрост, па затоа делуваме соодветно и без одолговлекувања.
Најдете и време за да размислите за своите сили и слабости, а со што ќе ги препознаете своите дарби. Гледајќи наназад и во минатото ќе откриете колку сте всушност моќни! Секој предизвик нѐ прави посилни, по што успеваме да си ја вратиме својата самодоверба.
Можеби ќе сакате да ја смените својата цел и да се трансформирсте — ВЕНЕРА секстил ПЛУТОН — копнеејќи по нови правци и димензии. Овој аспект ќе ви даде чувство на видовитост или пак јасен фокус, затоа верувајте си себе и на идеите кои што ги добивате, па делувајте според нив. Ако треба да разрешите конфликти, барајте креативни начини да го сторите тоа со мудрост.
19 Март, 2021 — Петок
СОНЦЕ во РИБИ, МЕСЕЧИНА транзит БЛИЗНАЦИ
( 19–21 Март )
Денес се будиме со транзитот на МЕСЕЧИНАТА во променливите БЛИЗНАЦИ, чие што влијаие ќе ја забрза динамиката, веселоста, потоа пренесувањето на информации и ќе го поттикне веселото дружење.
Заинтересирани за многу теми, ќе сакаме да учиме, да запознаваме нови луѓе и информации, да се дружиме со блиските, како и да се движиме повеќе. Ова е младолика МЕСЕЧИНА која што е поврзана со сите оние кои што учат и студираат, а периодов е поволен и за сите комерцијални активности.
СОНЦЕТО е на последните степени на РИБИ, со што отркиваме дека допрва ќе има планини за качување. Можеби не токму денес, туку утре или малку денес и малку утре, а тоа ќе нѝ даде чувство на утеха, по што полесно ќе го исцелиме својот дух и тело. Конечно нешто созрева и се менува.
Во сите врски е важно да се биде отворен, бидејќи со крутост не може да се постигне ништо, ниту да се научи нешто ново — МЕСЕЧИНА квадрат МЕРКУР во сонливите РИБИ. Не мора постојано да сме во право, добро е некогаш да се направи компромис и така да се покријат потребите на сите. Не барајте маани во луѓето, бидејќи токму тие детали што ви сметаат може да го прават животот поинтересен и динамичен — не мора сѐ да е по ваше! Без контрасти, животот не би бил интересен.
Затоа напуштете ги старите идеи за тоа како треба да изгледа вашиот идеален партнер и бидете флексибилни — опуштете се, отворете се и ќе дојдете до резултат кој што ќе биде взаемно корисен. Бидете флексибилни и со самите себе и ќе видите како се случуваат чуда.
20 Март, 2021 — Сабота
ПРОЛЕТЕН ЕКВИНОКС
СОНЦЕ тразнит ОВЕН ( 20 Март — 19 Април )
МЕСЕЧИНА во БЛИЗНАЦИ,
Зимата како старица заминува во својата сина наметка, овозможувајќи им на младите сили да процветаат — СОНЦЕ транзит ОВЕН. Овој знак со кардинален квалитет е познат како Супер Ѕвезда на зодијакот — тој е оној кој што е прв, искра и пламен, па за него се вели дека е самодоволен, самобендисан, самоспознаен и сѐприсутен!
Потентен, слободен, иницијативен — сѐ што е храбро и сака нова енергија потекнува токму од овој знак. Затоа и го сакаме, зарем не? Независен, храбар и по малку егоцентричен, ОВЕНОТ е знак со кој што започнува Пролетта на Северната Хемисфера, најубавата сезона во текот на целата година, додека на Јужната Хемисфера доаѓа Есента.
Денот и ноќта се изедначуваат и сега сме длабоко поврзани во љубов, топлина и изобилство. Повеќе нема потреба да се прашуваме дали животот кој што го водиме е исправен, туку да веруваме, да се надеваме да ги манифестираме и најдлабоките желби на своето срце и дух.
Топол и атрактивен, светол и динамичен, СОНЦЕТО во ОВЕН ќе стави нов печат на сите индивидуални настојувања. Со силна динамика и драјв, ќе влеземе полетно во една нова сезона и со нов дух.
МЕСЕЧИНАТА во БЛИЗНАЦИ го продолжува своето дрдорливо расположение, па луѓето повеќе говорат отколку што слушаат и тоа може да предизвика одредена анксиозност или нервоза затоа што зборовите нема да се преработуваат, туку ќе се минува лесно врз сѐ што е кажано, без некоја подлабока анализа. Како и да е, ова е добар ден за раскажување на приказни, случки и нови информации.
Одличен ден за да ја пронајдете повторно својата насока во животот, затоа следете го својот внатрешен компас и ослободете се од минатото, учејќи да живеете во сегашниот момент. Сега имате моќ да одлучувате самите за себе!
21 Март, 2021 — Недела
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА транзит РАК,
( 21–23 Март ),
Прва Четвртина на Месечината во 15:40 ч.
ВЕНЕРА транзит ОВЕН,
( 21 Март — 14 Април )
Светот околу нас е и суптилен и реално видлив, но повремено ние сме слепи за тивките знаци и коинциденции кои што доаѓаат во наш правец. Постои ли коинциденција? Сето тоа е комуникација на овој или оној начин, а за која што треба да сме отворени за да ја чуеме и да имаме верба.
МЕСЕЧИНАТА преоѓа во чувствителниот РАК, со што ќе се добие на емоционален интензитет, ранливост и чувствителност. Интуицијата е нагласена, а комуникацијата ќе се движи меѓу најблиските и ќе минуваме време со потесното семејство. Грижливи и топли, ќе им обрнеме поголемо внимание на децата и родителите. Чувствителен дел од телото ќе биде стомакот, градниот кош и градите.
Внимавајте на тивките знаци, како појава на духовен водач, ментор, симболи, тотеми во облик на некое животно, како и било каков водич од духовниот свет кој што ви праќа суптилни пораки за да дојде до вашето внимание. Песни, музика, најдени парички, пердуви, света геометрија и сѐ што го привлекува нашето внимание — знаци дека сите сме на својот уникатен пат — МЕРКУР секстил УРАН во БИК.
Ако треба да направите пауза, застанете, консултирајте се и не мрдајте: сега сте предупредени — МЕСЕЧИНА во РАК квадрат СОНЦЕ во ОВЕН, а што е показател дека МЕСЕЧИНАТА е во својата фаза на Прва Четвртина. Затоа останете смирени и исконтролирани доколку се соочите со нечија тврдоглавост, глупост или тупост. Буквално!
Останете храбри во опасните ситуации и заштитете го своето семејство. Најдете време за играње, ослободувајќи се од емоционалните врски кои што го спречуваат вашиот духовен развој — ВЕНЕРА транзит ОВЕН. Можеби чувствувате дека имате 70 години, но во духовниот свет имате само 33! Ова е почеток на нова фаза, задача или целина, затоа делувајте со чиста намера, имајте верба и откријте ги своите таленти во овие променливи времиња.
@ИренаТанчева
@IrenaTancheva