Ирена Танчева,
Неделна Астролошка Прогноза, 15–21 Ноември 2021
Ноември 17, 03:17 ч. Месечината влегува во Бик
Ноември 19, 15:32 ч. Месечината влегува во Близнаци
Ноември 16, 15:04 ч. Веста влегува во Стрелец Вес 0 Стр 00'
Ноември 17, 14:05 ч. Јупитер полу-квадрат Кајрон Ретро
Јуп 23 Вод 53'полу-квадрат Кај 8 Ове 53'
Ноември 19 09:57 ч. Полна Месечина, Парцијална Лунарна Еклипса 27 Бик 14 27° 17’
Ноември 22, 03:34 ч. Сонцето влегува во Стрелец Сон 0 Стр 00'
Анализата е изработена според Централно Европско Време
15 Ноември 2021 — Понеделник
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во ОВЕН
Денес сме мотивирани да го подобриме својот живот, да си дадеме простор да уживаме и на некој начин да растеме — СОНЦЕ во СКОРПИЈА квадрат ЈУПИТЕР во ВОДОЛИЈА. Секако, не треба да се претерува во ништо, а МЕСЕЧИНАТА во динамичниот ОВЕН кажува дека ова е период кога ќе треба да се остават настрана сите изговори кои што го спречуваат постигнувањето на благосостојба.
Со транзитот на МЕСЕЧИНАТА во огнениот ОВЕН ги ставаме своите потреби на прво место: започнува период на силна активност, динамика и енергија, во кој што храброста расте, како и брзината, решителноста и иницијативата. Треба да се внимава на импулсивните рекации, имајќи предвид каков пример им оставаме на другите. Служете како пример, како инспирација и мотивација, давајќи утеха со своето природно чувство за советување: помогнете си себе си и небото ќе ви помогне!
Барајте луѓе кои што ќе ви помогнат да се исцелите, а тежнеејќи да го исцелите своето емоционално тело ќе треба да ги исчистите и најтемните катчиња во својот дом — ова е топ приоритет! — МЕСЕЧИНА конјункција КАЈРОН Ретрограден — а избегнувајте ги сите оние кои што би можеле да ви одземат сила и наметнат одговорности без при тоа да ве прашаат — МЕСЕЧИНА квадрат ВЕНЕРА во организираниот ЈАРЕЦ.
Ова е одличен ден да се побара совет од физички или холистички исцелител, како и духовен учител кој што ќе ви понуди програма или режим според кој ќе треба да се водите, а која што ќе стане приоритет во вашиот живот.
Сега е потребно да бидете целосно посветени на сопственото исцелување и добросостојба, да заборавите на неуспесите, сакајќи да истражувате и откривате нови хоризонти, оставајќи го непродуктивното минато зад себе.
Оваа МЕСЕЧИНА ќе ги стави во фокус кардиналните знаци — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — кои што ќе треба да ги остават драгоцените објекти, идеи, љубови или кариери зад себе, како дрвјата кои што се ослободуваат од своите лисја за да си овозможат иден раст. Исцелувањето мора да започне денес.
16 Ноември 2021 — Вторник
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во ОВЕН
ВЕСТА транзит СТРЕЛЕЦ
( 16 Ноември 2021–10 Март 2022 )
МЕСЕЧИНАТА во ОВЕН има огнена природа, таа е директно гледа во очите на оние кои што ги сака, со што се потсетува што навистина е важно во животот, а е отворена кон нови предизвици и искуства, сакајќи да искуси живототворен оган, сензуалност и плодност. Таа не знае за граници и сака да им удоволи на своите копнежи и желби.
Од друга страна, пак, СОНЦЕТО во СКОРПИЈА има силна потреба за емоционална инволвираност, сака трајно и длабоко, а емоциите можат да одат во крајности, особено со МАРС во истиот знак, така што денес може да се јави доза на љубомора или посесивност која што може да ги полуди луѓето.
Сето ова укажува на еден динамичен ден, особено во интимните односи, па така би можеле да се соочиме со моќни искуства кои што ќе ги затресат темелите на нашиот свет, во зависност од тоа во кои куќи транзитираат овие две небесни тела.
ВЕСТА е вториот астероид по големина во астероидниот појас помеѓу МАРС и ЈУПИТЕР, покрај Церес, Палас и Јуно, а денес попладне влегува во оптимистичниот СТРЕЛЕЦ. Според митологијата таа е римска божица задолжена за заштита на огништето, домот и семејството, но и на гневноста, смиреноста и дисциплината. Сместена во овој знак таа знае да биде безмилосна во својата потрага по вистината, да биде агресивна кон оние што ѝ се попречуваат на патот и да има воинствен менталитет. Сепак, како заштитничка на домот, таа тука ги манифестира и своите најубави квалитети давајќи верба, интелектуална слобода, ентузијазам и бескрајна жед за учење. Потрагата по универзалната вистина паѓа под влијание на ВЕСТА во СТРЕЛЕЦ.
МЕСЕЧИНАТА во ОВЕН ги активира огнените знаци — ОВЕН, ЛАВ и СТРЕЛЕЦ — кои што ќе учат со леснотија, ќе им помогнат на широк круг на луѓе и ќе зрачат со својот ентузијазам.
СОНЦЕТО во СКОРПИЈА ќе им направи тензија на фиксните знаци — БИК, ЛАВ, СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА — кои што ќе треба да вложат напор и да останат фокусирани на постигнување на мир и сталоженост.
Во раните вечерни часови кардиналните знаци доаѓаат во фокус — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — бидејќи МЕСЕЧИНАТА прави квадрат со трансформативниот ПЛУТОН во ЈАРЕЦ, аспект кој што ја поттикнува опсесивноста, ирационалноста и бурните емоции.
И покрај првичните разлики, сега ќе треба да се стреми кон постигнување на баланс, да се измазнат фундаменталните разлики и постигне еднаквост. Затоа завртете нов лист и напишете поубава реалност во својот живот.
17 Ноември 2021 — Среда
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА транзит БИК
( 17–19 Ноември )
МЕСЕЧИНАТА во БИК има супер нагласена позиција во овој знак, каде што е толерантна, сака да вкуси добра храна, потоа бавно го следи исполнувањето на своте цели и има дарба да ги смири луѓето со немирен темперамент. Таа сака лојалност, земски убавини и сензуалност, нудејќи стабилна средина за растење.
Сепак опозицијата МАРС/УРАН Ретрограден во БИК открива дека сега е добро да не се залажуваме себе си верувајќи во туѓите идеи и зборови за подобар свет, бидејќи може да дојде до некаков вид на предавство, манипулации и избрзани реакции, особено од страна на фиксните знаци — БИК, ЛАВ, СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА. Туѓите цели или агенди не се ваши потреби, затоа добро внимавајте со кој ги здружувате вашите дела и зборови.
Затоа денес ќе биде добро да останете екстра внимателни, особено ако воочите недоследност во туѓите дела и активности, па немојте будалесто да поверувате дека сѐ што лета се јаде! На тој начин може да изгубите сила, смиреност и енергија. Оваа тенденција е исто така нагласена и од полу-квадратот на ЈУПИТЕР со ранетиот исцелител КАЈРОН, кој што ќе бара постојаност во работата и потреба за трпение, а не избрзаност.
За да си останете доследни на себе си, бирајте добро со кого ќе ги здружите своите сили и ќе кокреирате една поубава иднина која што ќе ви донесе чест, изобилство и сатисфакција.
Во раните вечерни часови одберете свесно да постигнете баланс, слушајќи музика, бавејќи се со некој вид на уметност или читајќи поезија, а што ќе ви помогне полесно да постигнете баланс и хармонија со другите. Преку ваквите искуства ќе успеете полесно да се адаптирате, ќе ја коригирате својата перспектива и ќе продолжите да соработувате во име на некоја заедничка цел.
18 Ноември 2021 — Четврток
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во БИК
Откако ги прочистивте своите срца од вчерашните недоразбирања, денес ќе ги откриете плодовите на своите напори, една свежа и убава енергија која што е потпомогната од тригонот МЕСЕЧИНА/ВЕНЕРА, а која што открива дека кога вашето срце е чисто, тогаш и светот е чист бидејќи тогаш гледате само потенцијали!
Ова е супер аспект кој што ќе овозможи еден природен раст и поврзување со силите на природата од која што и самите ние сме дел, иако често пати забораваме на тоа. Затоа ова е идеален ден за пријателства, дружење и исполнување во физичкиот свет.
Сега е добро да си признаеме дека не знаеме баш сѐ: денес сите грижи и негативност ќе исчезнат. Сега сме како новороденчиња кои што се соочуваат со своите први искуства на оваа Земја, невини и свежи за нови циклуси и идеи — МЕСЕЧИНА опозиција МЕРКУР во СКОРПИЈА.
Затоа ќе откриете дека повеќе сте заинтересирани за личните мотивации на другите луѓе, нивните чувства и приватни животи, нивните соништа и желби, како и нивното минато, потекло или детски денови. По малку носталгични, ова е одличен момент за читање на биографии, мемоари или митологии. Започнете да водите дневник доколку не го правите тоа досега и запишете ги своите најинтимни соништа и искуства, сакајќи подобро да се запознаете самите себе и своите нагони.
Утрешниот ден ќе донесе нова енергија, која што ќе ја смени вашата перспектива и чувства во следните шест месеци. Верувајте ѝ на својата интуиција која што ви вели како е најдобро да ја постигнете оваа трансформација. Таа можеби не доаѓа лесно, бидејќи бара соочување со најтемните катчиња на нашата сопствена личност, односно сопствените стравови и сенки, по што доаѓа до препород и учење на една нова реалност.
19 Ноември 2021 — Петок
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, ПОЛНА МЕСЕЧИНА и Парцијална Лунарна Еклипса во БИК,
МЕСЕЧИНА транзит БЛИЗНАЦИ
( 19–22 Ноември )
ПОЛНАТА МЕСЕЧИНА е момент кога СОНЦЕТО и МЕСЕЧИНАТА доаѓаат во директна опозиција, а тоа става акцент на домот, емоциите, како и личните односи. Тоа е период кога доаѓаме во потсвесен конфликт со своите желби и потреби, бидејќи сме растргнати од потребата да си удоволиме себе си, но и на своите најблиски.
Ова е ден со силна планетарна динамика, бидејќи покрај неколкуте тензични аспекти, доаѓа и до Парцијална Лунарна Еклипса, која што ќе биде видлива во Северна и Јужна Америка, потоа Австралија, и делови во Европа и Азија.
Веќе од преходниот ден почувствувавме дека ова е ден на крупни промени, кои што речиси ќе нѐ остават без зборови. Планетарната слика е таква која што ќе укажува на многу симболи, знаци и скриени пораки, како некој да сака нешто итно да сподели со вас, но само на вам познат начин.
Денот започнува со убав тригон на МЕСЕЧИНАТА во БИК со ПЛУТОН во ЈАРЕЦ, кој што ќе даде основа и храброст да се соочиме со промените, особено со оние од емоционален карактер. Ова е момент кога добро ќе се носиме со емоционалниот интензитет и предизвикувачки искуства. Истовремено МЕСЕЧИНАТА прави опозиција со МЕРКУР во СКОРПИЈА — интерес за туѓите мотивации — и квадрат со ЈУПИТЕР во ВОДОЛИЈА, која што може да се искористи за проширување на личниот круг на пријатели.
Пред самата Лунарна Еклипса МЕСЕЧИНАТА прави конјункција со АЛГОЛ, фиксна ѕвезда во соѕвездието на 26° БИК, која што симболично претставува желба за отстранување на некој или замена на некоја личност, како да е стар и износен партал, а чие што влијание ќе треба да се искористи мудро и интелигентно, бидејќи оваа ѕвезда е со негативна конотација.
Сепак, ПОЛНАТА МЕСЕЧИНА и Парцијална Лунарна Еклипса се случува на следниот степен по оваа конјункција, во 09:57 ч., а што ќе ја релаксира ионака напнатата ситуација, со тоа што ќе нѝ помогне да ги направиме своите избори, верувајќи дека токму оваа релаксација пред бурата ќе нѝ помогне да го најдеме својот уникатен пат — ВЕНЕРА тригон УРАН Ретрограден во БИК. Оние кои што се последни ќе дојдат на прво место и обратно, затоа наместо преголема амбиција, денес ќе биде идеално да се остане фиксен во уверувањата дека секоја единка е специфично извонредна и има свое место, односно улога во светот.
Денес огледалото не лаже и сите хороскопси знаци ќе минат низ една огромна промена — идеалот кон кој што тежнееме ќе нѐ натера да се запрашаме дали воопшто нѝ е потребен и дали му служи на нашиот сопствен раст или его и суета. Ова е момент на соочување со лажните вистини и нивно отстранување, а што ќе ги стави во фокус фиксните знаци — БИК, ЛАВ, СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА.
На едно лично ниво би ви посакала да се поврзете со своите пријатели, семејство и бизнис познанствата. Успорете го темпото, дозволувајќи си поголема слобода од досегашната. Ова е кулминација на сите претходни напори, која што ќе нѝ открие како да се прилагодиме на надворешните услови.
Во раните вечерни часови МЕСЕЧИНАТА преоѓа во комуникативните БЛИЗНАЦИ, со што ќе се зголеми брзината на преносот на информациите, потоа флексибилноста, љубопитноста, но и непостојаноста и површноста. Таа прави и конункција со Северниот Месечев Јазол, што е момент кога можеме да ги посакаме своите желби, бидејќи тие сега ќе се остварат со волшебна леснотија.
20 Ноември 2021 — Сабота
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во БЛИЗНАЦИ
Под влијание МЕРКУР во СКОРПИЈА, можеби откривте дека луѓето сакаат да ви се приближат и да ви ги доверат личните грижи и емоции, верувајќи дека ќе имате разбирање за нив и дека ќе им дадете вистински совет.
По вчерашната ПОЛНА МЕСЕЧИНА во БИК и неколку вжештени дебати, денес ќе откриете дека вашите ставови не се толку фиксни и дека сега сте подготвени за промена, нови идеи и перспективи, како и познанства, со кои што ќе ги омекнете цврстите ставови и станете пофлексибилни. Ова е период кога ја препознаваме божествената искра на секоја личност, а тоа го привлекува нашето внимание.
Со транзитот на МЕСЕЧИНАТА во БЛИЗНАЦИ обрнуваме поголемо внимание на личниот развој, комуникацијата, информациите и подготвени сме да навлеземе во фаза на трансформација. Ова е одличен период да го посветиме вниманието на своите интереси, духовна потрага или да се дружиме со личности кои што нѝ се допаѓаат и ги цениме нивните мислења. Следејќи го своето срце, доаѓаме до оние луѓе кои што нѝ се потребни.
Ова е транзит кој што им одговара на воздушните знаци — БЛИЗНАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА — кои што ќе се чувствуваат удобно во својата кожа, ќе имаат добра виталност и здравје, а ќе им се посветат на личните потреби, љубов и студирање.
Убавиот тригон ВЕНЕРА/УРАН Ретрограден продолжува и денес ќе откриеме дека можеме да направиме пауза и да здивнеме: со смирување на сетилата и внатрешна свесност ќе дојдеме до разбирање за тоа каде навистина сме и каде треба да стигнеме, бидејќи точно знаеме што сакаме, што нѝ е вредно и што посакуваме.
Трансформацијата се случува незабележливо, одвнатре и откако ќе се случи, можеме да ја споделиме со светот. Ако сметате дека сте неценети, започнете да се цените самите себе; ако сметате дека сте несакани, започнете да се сакате самите себе; ако сметате дека немате моќ, вратете си ја моќта креирајќи вистински услови за вистинска промена — МЕСЕЧИНА тригон САТУРН. На тој начин ќе го збогатите својот, но и туѓите животи и ќе станете силна алатка за исцелување на светот.
До целта не се доаѓа лесно, потребни се многу одрекувања и жртви, по што победата станува послатка и инспиративна. Отворете ги прозорците и пуштете свеж воздух внатре!
21 Ноември 2021 — Недела
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во БЛИЗНАЦИ
СОНЦЕТО се наоѓа на последниот степен на интензивната СКОРПИЈА, пред утре да прејде во огнениот СТРЕЛЕЦ, знак со променлив квалитет. Затоа денес е одличен ден за релаксација, бидејќи во следниот период ќе се соочиме со сите неправедни ситуации кои што се случувале досега.
Планетарната слика нема голема активност, па затоа полесно ќе постигнуваме баланс и хармонија во сѐ што ќе правиме или креираме — уметност, музика, нови перспективи или модифицирање на старите. Оттука натаму полесно ќе се прилагодуваме на туѓите потреби.
Воздушните знаци доаѓаат во фокус — БЛИЗАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА — кои што ќе се истакнат низ партнерските односи. Бидете интроспективни и ослободете се од своите илузии, барајќи мудри совети.
Ова е одличен ден за постигнување на интуитивна брилијантност, заштита и исцелување на пријателствата кои што повеќе не постојат. Оттука натаму заминуваме во нов правец, креирајќи нов пат. Сега сме помудри во своите избори и водиме со резон, логика и интелигенција. Поврзете се со советници или ментори кои што ќе ви помогнат да растете во животот. Сега е важно знаењето, разбирањето, како и фокусираната интелигенција, што на практичен начин значи здраво расудување.
@Ирена Танчева
@Irena Tancheva