Ирена Танчева,
Неделна Астролошка Прогноза, 22–28 Март, 2021
Трендови на неделата:
Март 23, 22:56 ч., Месечината влегува во Лав
Март 26, 4:25 ч., Месечината влегува во Девица
Март 28, 6:22 ч., Месечината влегува во Вага
Март 23, 10:07 ч., Плутон квинтил Хирон
Март 28, 20:48 ч., Полна Месечина во Вага на 8 Вага 18'
Анализата е изработена според Централно Европско Време
22 Март 2021 — Понеделник
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА во РАК
РАКОВИТЕ имаат цврст оклоп со кој што ја кријат својата мека страна и на тој начин креираат чувство на изолација како потреба за заштита на најблиските, но и самозаштита.
Затоа МЕСЕЧИНАТА во овој знак во тригон со МЕРКУР во имагинативните РИБИ повикува на водство и сигурност и сето тоа во областа на интимната сфера. Оваа МЕСЕЧИНА сугерира да се повлечете накратко и добро да ги отворите ушите за да ги чуете пораките кои што ви говорат да љубите и да дозволите да бидете љубени.
Денес е одличен ден за сите видови на блиски партнерства, за интима, потоа дарови и за сето она што е поврзано со срцето — МЕСЕЧИНА секстил УРАН во сензуалниот БИК.
МАРС тригон САТУРН во прогресивната ВОДОЛИЈА вели дека ова би можел да е супер ден за промоција, за професионални успеси и покажување на експертизата и умешноста. Затоа покажете се пред своите претпоставени во најубава светлина — СОНЦЕ во иницијативниот ОВЕН — и едноставно заблескајте! А што друго и ви преостанува да сторите, м…? Работите ќе се одвиваат по сопствено темпо и промените ќе го отстранат потенцијалните сомнежи или небулози.
23 Март, 2021 — Вторник
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА транзит ЛАВ
( 23–26 Март )
Денес направете сериозен напор за да го разберете своето себство подобро — ПЛУТОН квинтил ХИРОН. Освестете го своето несевесно за да не господари и понатаму со вашиот живот.
Кои се нагоните кои што ве водат и мотивираат? Не кријте се од своите таленти и умешност, туку откријте ја темната страна на својата личност, за да ви стане пријател — МЕСЕЧИНА опозиција ПЛУТОН во сериозниот ЈАРЕЦ. Советувајте се, па потоа делувајте.
Ќе откриете дека искреноста е клуч кон сите добри односи и така ќе се заштитите од хипокризија. Одредени луѓе многу ќе ја ценат вашата искреност, додека пак другите ќе бидат повредени и ќе се навредат.
И покрај различните реакции, вие длабоко во срцето знаете дека тоа е единствениот начин на кој што ќе ја постигнете саканата рамнотежа — МЕСЕЧИНА тригон НЕПТУН во спиритуалните РИБИ.
МЕСЕЧИНАТА ги диктира емоциите, а со вечерниот транзит во ЛАВ тие ќе добијат на интензитет и драматика. Затоа е најдобро да останете ладни и да одвоите време сами за да го зачувате својот интегритет.
24 Март, 2021 — Среда
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА во ЛАВ
Добро е да се знае дека не е доволно да се дејствува по чистиот инстинкт и импулс — МЕСЕЧИНА квадрат УРАН во прагматичниот БИК. Ова е време за фокусирана сила, самоконтрола и дисциплина, како и време за надминување на егоистичните или детски нагони кои често се засноваат на потребата за сатисфакција и моментално задоволување.
Повторете сега — ова е време за утврдување на нашата лична моќ и учење да управуваме со нашиот живот од местото во нас кое што е јасно, точно и чисто — МЕСЕЧИНА опозиција САТУРН во хуманистичката ВОДОЛИЈА.
Направете сѐ што е потребно сега за да ја вратите моќта во својот живот. Ова е време на голема сила и издржливост— МЕСЕЧИНА во фиксниот ЛАВ тригон СОНЦЕ и ВЕНЕРА во храбриот ОВЕН. Низ креативните процеси, размислувања и алтруизам ќе се соочите со своите илузии, стравови или анксиозност. Затоа остенете ведри!
25 Март, 2021 — Четврток
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА во ЛАВ
Денес би можеле да си помислите дека зимата повторно се вселува во вашите срца — МЕСЕЧИНА опозиција ЈУПИТЕР во независната ВОДОЛИЈА — но затоа, пак, овој аспект дава силна енергетска заштита, со што ќе ја зголемите физичката виталност.
Се чини дека е ладно во областа на срцето и градите и сѐ наоколу изгледа далечно и имперсонално, па можеби нема да сакате да учествувате на поканите за вечера и излегувањето во град. Затоа, пак, ова ќе биде одличен ден за пријателство, отколку за романтична љубов.
На професионален план имате шанса да решите неколку проблеми кои што се провлекоа од неодамна. Затоа отворете го своето благодарно срце и одлучете да бидете радосни. Останете така.
26 Март, 2021 — Петок
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА транзит ДЕВИЦА
( 26–28 Март )
Ова е судбински ден драги пријатели — СОНЦЕ конјункција ВЕНЕРА во ОВЕН — но силниот нагон е една работа, а кога станува збор за љубовта и она што се случува во срцето, ете тоа е сосема друга приказна.
МЕСЕЧИНАТА во педантната ДЕВИЦА е со резервирани емоции, а енергијата е насочена во помагање на другите, правење на некакви услуги во нивно име, како и грижа за секојдневните навики, диети и здравје.
Затоа денес би било добро ако можете да бидете активни и ентузијасти, без притоа да вршите притисок врз вашите сакани и блиски. Секој има своја рутина според која што функционира најдобро.
Во областа на работата денес сте решени да направите цврсти планови во професионалниот живот, а за што ви е потребна трпеливост, методичност и дисциплина. Сега знаете точно што сакате да направите и имате железна волја да истраете во тоа. Ова е добар ден за размислување околу промена на кариерата.
27 Март, 2021 — Сабота
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА во ДЕВИЦА
Со самиот почеток на утрото ќе разберете дека денот има непредвидлива и несигурна енергија, која што ќе доведе до своевидни тестови, советувања, но и инспирација — МЕСЕЧИНА опозиција МЕРКУР во уметничките РИБИ.
Најверојатно ќе треба да прекинете со некој аспект од своето минато — МЕСЕЧИНА квадрат МАРС во информираните БЛИЗНАЦИ — било тоа да е некоја лична историја, семејни искуства или домашни ситуации. Не правете филозофија од секоја добиена информација.
Сега не е добро да се потпирате премногу на среќата за да ги решите проблемите во емоционалната сфера — МЕСЕЧИНА опозиција НЕПУТН во РИБИ.
Денес границите се бришат, па би можеле да се соочите со нечие дилетантско однесување, измама или некаков вид на трикови. Само со соочувањето со своите одговорности ќе го натерате тркалото на среќата да врти во ваша корист. Можни се нагли промени во работните услови, како и стратешко прилагодување.
28 Март, 2021 — Недела
СОНЦЕ во ОВЕН, МЕСЕЧИНА транзит ВАГА
( 28–30 Март ), во 6:22 ч.
ПОЛНА МЕСЕЧИНА во ВАГА,
во 20:48 ч.
Ова е ден кога светот е осветлен од некоја посебна светлина — СОНЦЕ конјункција ВЕНЕРА и ХИРОН во динамичниот ОВЕН — но се чини дека секој човек е сам за себе! Индивидуална приказна, во индивидуален свет.
Затоа можеби ќе сакате да се изолирате накратко и смирено да размислувате за моменталната емоционална состојба која што повикува на баланс, софистицираност и хармонија — МЕСЕЧИНА транзит ВАГА.
Надминете ги свесно чувствата на поделеност, снобизам, фобии, расизам или сексуални проблеми и внимавајте на експонирање на семејните тајни.
Вашите најблиски покажуваат силна потреба за слобода и автономија — МЕСЕЧИНА тригон САТУРН во оригиналната ВОДОЛИЈА — а во професионалната сфера би можеле да се јават бројни потешкотии поради премногу лежерниот однос или лошо управување.
Со овие проблеми, вашата прва склоност е да избегате од сите одговорности и да се повлечете во себе за да ја разгледате ситуацијата. Немате доволно храброст или верба да се справите со што и да се најде на вашиот пат.
Сепак, тоа е знак дека почнувате да размислувате поинаку, бидејќи минавте низ многу бурни искуства — сега е време да пораснете — МАРС конјункција СЕВЕРЕН МЕСЕЧЕВ ЈАЗОЛ во разиграните БЛИЗНАЦИ. Овој аспект ќе ви помогне да си ја вратите самодовербата, со што ќе ги направите првите чекори кон својата толку посакувана цел.
Напуштете ја својата комфорна зона, слатки ѕвездени патувачи. Во својата ранливост ќе откриете нова сила и нова моќ — ПОЛНА МЕСЕЧИНА во ВАГА — која што ќе ве радува во вашите зрели години. Колку повеќе учиме за другите луѓе и култури, толку повеќе можеме да научиме и да ја разбереме хуманоста. Подгответе се да научите нови работи за себе, како и за оние кои што дошле пред вас. Отворете го срцето и умот и уживајте во новите реализации.
@Ирена Танчева
@IrenaTancheva