Irena Tančeva
10 min readNov 6, 2021

Ирена Танчева,
Неделна Астролошка Прогноза, 8–14 Ноември, 2021

Ноември 8, 02:03 ч. Месечината влегува во Јарец
Ноември 10, 04:03 ч. Месечината влегува во Водолија
Ноември 12, 08:53 ч. Месечината влегува во Риби
Ноември 14, 16:48 ч. Месечината влегува во Овен

Ноември 8, 10:24 ч. Палас Директна во Риби 9 Риб 03'Д
Ноември 11 13:46 ч. Прва Четвртина Месечина 19 Вод 21'
Ноември 14 21:23 ч. Јуно влегува во Јарец 0 Јар 00'

Анализата е изработена според Централно Европско Време

8 Ноември 2021 — Понеделник
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА транзит ЈАРЕЦ,
( 8–10 Ноември ),
Палас Директна во РИБИ

Денот започнува со убава конјункција МЕРКУР/МАРС во СКОРПИЈА, која што е во секстили со конјункцијата МЕСЕЧИНА/ВЕНЕРА во ЈАРЕЦ. Ова значи дека истовремено би можеле да почувствуваме блага интровертност, но и тешкотија поради одговорностите кои што нѐ очекуваат.

Лесно ги чувствуваме размислувањата на другите — МЕСЕЧИНА секстил МЕРКУР — и лесно ги перципираме расположенијата и чувствата на луѓето околу нас. Затоа би сакале да се усогласиме со останатите — МЕСЕЧИНА секстил МАРС — сакајќи да иницираме нови проекти во кои што ќе откриеме колку всушност сме искрени едни со други.

МАРС во својот домицил СКОРПИЈАТА делува бавно, за разлика од неговиот пласман во ОВЕН, има таканаречена темна светлина, потоа тајни стравови кои што најверојатно им припаѓаат на другите луѓе, кои што сега треба да се прочистат. Без ова прочистување не може да се дојде до исцелување, а како што ќе ги напуштаме старите форми на однесување, ќе почувствуваме огромно олеснување, слобода и љубов кон човештвото, без никакво форсирање.

СОНЦЕТО во таинствената СКОРПИЈА цела недела ќе прави тригон со ретроградниот НЕПТУН во РИБИ, аспект кој што уште повеќе ќе ја нагласува сензитивноста, рецептивноста, како и потребата за истражување во духовната сфера. Ова е период на визија и инспирација, која што може да се изрази низ некој вид на уметност, како и супер лесен аспект за оние кои што патуваат на море.

ПАЛАС е астероид кој што орбитира во астероидниот појас помеѓу МАРС и ЈУПИТЕР, заедно со другите астероиди како Церес, Веста и Јуно, а денес после речиси четири месечно ретро движење таа се враќа во својата Директна фаза. Таа дава таленти во областа на уметноста, во правдата бидејќи според легендата е родена директно од главата, односно челото на ЈУПИТЕР, ја зголемува интуицијата, одбраната и помага при преговарањата со тоа што ја поттикнува личната моќ, а во директно движење во мистичните РИБИ ќе доведе до отрезнувачки искуства и нови опции, во зависност од тоа во која куќа транзитира во вашите лични хороскопи.

Затоа имајте предвид дека ова не е период да превземате премногу одговорности и да претендирате да станете маченици, туку целосно да ја прегрнете авантурата наречена живот, со сите свои шанси и предизвици. Никому не служи ништо добро ако ја гушите својата креативна амбиција за откривање на нови светови.

Луѓето денес ќе ве бараат за поддршка и разбирање, која што ќе им ја дадете со љубов — МЕСЕЧИНА тригон УРАН ретрограден во БИК — особено во вечерните часови. Сериозноста од денот се намалува, па вечерта ќе копнеете по возбуда, хумор и изненадувања.

9 Ноември 2021 — Вторник
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во ЈАРЕЦ

Ова е ден кога ќе открете дека вашиот авторитет расте, особено ако припаѓате на земјените знаци — БИК, ДЕВИЦА и ЈАРЕЦ. Вашиот кредибилитет и статус ќе биде потврден на некој конкретен начин, а ќе воспоставите и нови граници во својата територија, сакајќи да го дефинирате својот живот и права — СОНЦЕ секстил МЕСЕЧИНА.

МЕСЕЧИНАТА во ЈАРЕЦ е по малку тврдокорна, понекогаш ѝ е тешко да ги разбере другите луѓе и да сфати што тие имаат да кажат, едноставно поради фактот дека таа не може да се стави во туѓите чевли, па може да делува ладно, стерилно и премногу сериозно. Сепак, таа е многу мудра и креира здрави и комплетни односи со искрените луѓе.

Конјункцијата МЕСЕЧИНА/ПЛУТОН во вечерните часови укажува на комплексен емоционален живот, особено за кардиналните знаци — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — интензивни чувства, борби за доминација, особено со семејството и доминантните женски личности во вашиот живот. Можна е манипулација, фиксација, како и компулсивно делување. Ова важи и за оние кои што имаат натална МЕСЕЧИНА во истите знаци.

За среќа, оваа тенденција ќе биде намалена од секстилот МЕСЕЧИНА/ ретро НЕПТУН во РИБИ, па ќе ја вклучиме својата енергија во истражување на некој од креативните таленти, вклучувајќи ја музиката, поезијата, сликањето или фотографијата.

Ова е одличен ден за водените знаци — РАК, СКОРПИЈА и РИБИ — кои што ќе се почувствуваат покомплетни на своето духовно патување.

10 Ноември 2021 — Среда
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА транзит ВОДОЛИЈА,
( 10–12 Ноември )

Ако сакаме искрено да напредуваме во животот, ќе треба да заборавиме на некои работи и да прифатиме некоја нова вредност, со која што ќе ја храниме својата душа — МЕСЕЧИНАТА транзитира во ВОДОЛИЈА. Сега е добро да се напушти крутиот став од минатиот ден, да се учествува во групните напори и да се работи нешто кое што ќе има големо значење за нас самите, но и за целиот колектив.

Овој вид на работа не е со материјална конотација, не е нешто опипливо, туку лежи во светот на идеите, хуманите концепти и вклучувањето на нови оригинални компоненти во животот на заедницата и урбаното живеење. На тој начин се раѓа иднината, независноста и новите пријателства. Без оглед на прикривањата и ситните човечки кавги поттикнати од комплексните емоции — СОНЦЕ во СКОРПИЈА — сега се јавува потреба за соработка, разбирање и слободно размислување.

Оваа МЕСЕЧИНА ќе ги активира воздушните знаци — БЛИЗНАЦИ, ВАГА и ВОДОЛИЈА — кои без дилема ќе знаат како да го искористат нејзиното влијание. Секако ќе треба да се внимава на тенденцијата да се занемарат емоциите и да се исклучат, особено при конјункцијата МЕСЕЧИНА/САТУРН, која што ќе поттикне извесна емоционална дистанца, најмногу во семејните односи, а сето тоа поради голема истоштеност, анксиозност и загриженост. МЕСЕЧИНАТА во квадрат со МАРС во СКОРПИЈА ќе го зголеми капацитетот за лидерство и справувањето со потенцијалните компетитивни и агресивни ситуации.

Сепак, најизразен аспект во текот на овој ден е квадратот МАРС/САТУРН, кој што ќе ви помогне да истраете во своите напори и покрај сите тешкотии и опструкции. Сега ќе биде добро да се сконцентрирате на една единствена работа и да не го губите фокусот, правејќи јасно дефинирани планови и имајќи силна самоконтрола.

Конјункцијата МЕРКУР/МАРС ќе ви даде сила да победите во секоја дебата, добра ментална концентрација, решителен и убедлив став. Ова е ден кога фиксните знаци ќе дојдате во прв план — БИК, ЛАВ, СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА. Не откажувајте се сега, обидете се да ја видите и другата гледна точка, бидејќи и утре ќе продолжите со речиси истото темпо!

11 Ноември 2021 — Четврток
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во ВОДОЛИЈА
Прва Четвртина на Месечината

Стелиумот во СКОРПИЈА — СОНЦЕ, МЕРКУР и МАРС — наспроти стелиумот во ВОДОЛИЈА — МЕСЕЧИНА, САТУРН и ЈУПИТЕР — о, колку милосен ден! Згора на тоа и МЕСЕЧИНАТА во ВОДОЛИЈА е во квадрат со УРАН во БИК. Очигледно денес ќе биде најважно чувството за лична слобода, побуна против секаков вид на рестрикции, огранувачки ситуации и нагласена потреба за независност.

Веднаш попладне МЕСЕЧИНАТА ја постигнува својата Фаза на Прва четвртина, која што е момент на преиспитување, издржливост и транзиција. Токму ваквата планетарна поставеност, особено квадратот МАРС/САТУРН и СОНЦЕ/МЕСЕЧИНА ќе укажат на потреба од длабока промена и трансформација, бидејќи сега не можеме повеќе да останеме онаму каде што сме!

Повторно фиксните знаци се во фокус — БИК, ЛАВ, СКОРПИЈА и ВОДОЛИЈА — кои што ќе треба да разбудат голема љубов, толеранција и респект кон другите, особено кон оние кои што се разликуваат од нив.

Егото мора да умре за да се јави повисока свесност, која што ќе ја намали болката, ќе го прифати светот онаков каков што е и ќе продолжи мирна егзистенција со љубов, дигнитет и милост. Дајте им на другите втора шанса — МЕСЕЧИНА конјункција ЈУПИТЕР — особено на оние кои што се нетолерантни, фокусирани само на себе и фиксирани единствено во својата вистина. Со хумор покажете им колку ги цените и повторно ќе станете популарни, а тие ќе сакаат да ви помогнат за возврат.

12 Ноември 2021 — Петок
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА транзит РИБИ,
( 12–14 Ноември )

Ова е ден на огромна среќа и тоа за овој живот драги мои астро ентузијасти, кога ќе откриете дека сте створиле дури и повеќе отколку што ви треба, дека доблеста тече како река без престан и дека мудроста е тука како вечен дар — СОНЦЕ во СКОРПИЈА тригон ретро НЕПТУН во РИБИ.

Ова влијание најмногу ќе го почувствуваат водените знаци — РАК, СКОРПИЈА и РИБИ — но и останатите ќе увидат дека најмудро е да се инвестира во својот развој, здравје и учење, но и да им се понуди поддршка која што им е потребна на другите и тоа не само на зборови и од една перспектива, туку реална, реализирана и издржана.

Денешниот ден зрачи со изобилие, имагинација и сензитивност, затоа посакајте ги своите најинтимни желби, бидејќи тие и ќе се остварат! Транзиотот на МЕСЕЧИНАТА во РИБИ ветува сочувство, имагинација и нежност, а сето ова повторно ќе ги стави водените знаци во фокус — РАК, СКОРПИЈА и РИБИ — како и оние со МЕСЕЧИНА или планети во истите.

Денес ќе ве прати добра среќа, особено во инвестициите, која што ќе потрае дури и во иднините денови. Сега имате визија и искреност да им се дадете целосно на оние кои што ги сакате, да станете богати — МАРС секстил ВЕНЕРА — и да продолжите да просперирате со вашите таленти, дом, ум и тело.

13 Ноември 2021 — Сабота
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА во РИБИ

Вашиот личен интегритет веќе покажува знаци на исцелување, заедништво и добар фокус, што ќе ви даде добра предност, нови потенцијали и наплив на добра енергија — МЕСЕЧИНА во РИБИ тригон МЕРКУР во СКОРПИЈА. Вашиот ум е жеден за знаење, имате инстиктивно разбирање за работите и силна имагинација. На тој начин креирате добра среќа за себе и најблиските.

Вашите паранормални таленти растат, бидејќи ви е удобна сензитивноста која што ја чувствувате и сакате да ги споделите со другите вашите убави интуитивни таленти. Сите ние го имаме овој капацитет, без оглед на расата, класата, религиозната припадност, работен статус, семејно минато или возраст — сите ние имаме талент да размислуваме и делуваме возвишено.

Во попладневните часови може да се јави благ немир, предизвикан од опозицијата МЕРКУР/ретро УРАН во БИК, па ќе внимавате да не избрзувате при носењето на одлуки и да не ја распрснувате својата ментална енергија на многу страни. Сепак, ова е супер аспект кога станува збор за изучување на нови научни теории, за технолошки откритија, за работа со компјутери и електроника и тн.

Ова е ден кога ќе почувствувате колку сте прекрасни — денес сте на божествена мисија и знајте дека сте ѝ важни на оваа планета — МЕСЕЧИНА конункција НЕПТУН. Вашето здравје е добро и затоа ќе бидете радосни, ентузијастични и исполнети со прекрасен оптимизам.

14 Ноември 2021 — Недела
СОНЦЕ во СКОРПИЈА, МЕСЕЧИНА транзит ОВЕН,
( 14–17 Ноември ),
ЈУНО транзит ЈАРЕЦ
( 14 Ноември 2021–1 Февруари 2022 )

МЕСЕЧИНАТА на последните степени на сонливите РИБИ, кажува дека денот ќе започне тивко и променливо, бидејќи оваа МЕСЕЧИНА е со променлив квалитет. Сепак, ова е прекрасен момент да ја обновите својата сила, да се одморите и да се заљубите во светот кој што го креирате.

Убавото влијание на тригонот СОНЦЕ/МЕСЕЧИНА ви дава убава поддршка од семејството и најблиските, а тоа ви помага да ја исцелите секоја клетка во вашето тело. Денес не гледате јасна разлика помеѓу луѓето, во внатрешниот и надворешниот свет постои нежност и мекост која што треба да тече како вода, со леснотија.

Во попладневните часови МЕСЕЧИНАТА преоѓа во активниот ОВЕН, знак со огнена природа и темперамент, директен и искрен до болка! Иако прави силни емоционални реакции, ова е знак кој што инспирира промени, авантури, храброст и независност.

За време на овој транзит се сугерира силна физичка активност, со која што ќе се троши прекумерниот наплив на енергија, како и потребата да им се наредува на другите. Емоционалните односи ќе имаат склоност да бидат отворени, со взаемен респект и емоционална слобода.

ЈУНО, астероид во астероидниот појас помеѓу МАРС и ЈУПИТЕР во вечерните часови влегува во ЈАРЕЦ, каде што се снаоѓа добро, бидејќи според митот таа е римаска божица заштитник на жените, на посветените односи и на државата. Според митот таа е сопруга на ЈУПИТЕР, а пласирана во ЈАРЕЦ таа е тука како мудра и убава дама, која што размислува за богатствата во својот живот. Целосно смирена таа ужива во тешко здобиениот мир, патем броејќи ги жртвите и загубите, но среќна бидејќи ја одбира независноста над сѐ, сакајќи тивок, но сигурен статус.

МЕСЕЧИНАТА во квадрат со ЈУНО ќе ги стави во фокус кардиналните знаци — ОВЕН, РАК, ВАГА и ЈАРЕЦ — кои што ќе се најдат пред значајни промени. Затоа ова е време за акција, будење, креација и воочување на моќните енергии наоколу. Со силна, ефективна енергија менувајте го светот, освежувајќи и наполнувајќи го својот дух, без да се дистанцирате премногу од другите. Во тишината барајте ги своите одговори.

@ИренаТанчева
@IrenaTancheva

Irena Tančeva
Irena Tančeva

Written by Irena Tančeva

Astrologer & Tarot lover. Writing daily and weekly astrology forecasts. New Moon and Full Moon reports. Stargazing, stargazing, stargazing.....

No responses yet